Чувствителните израелски документи што Иран ги доби треба наскоро да бидат објавени, изјави денес на државната телевизија иранскиот министер за разузнавање Есмаил Хатиб, опишувајќи го како „вредно откритие“ што ќе ги зајакне офанзивните способности на Техеран.
Иранските државни медиуми во саботата објавија дека иранските разузнавачки служби добиле голема количина чувствителни израелски документи, за кои министерот рече дека се однесуваат на нуклеарните постројки на Израел, врските на земјата со САД, Европа и други земји, како и одбранбените капацитети на Израел, објави Ројтерс.
Израел сè уште не ги коментирал обвинувањата, соопшти агенцијата. Не е јасно дали документите се добиени во врска со наводното хакирање на израелски центар за нуклеарни истражувања минатата година, што Техеран дури сега го откри поради зголемените тензии околу неговата нуклеарна програма, објави Ројтерс.
„Беше потребно многу време и безбедносни мерки за да се открие ова. Начинот на кој се добиени документите, секако, ќе остане класифицирана информација, но тие наскоро ќе бидат објавени“, рече Хатиб, додавајќи дека „би било потценување“ да се каже дека документите броеле во илјадници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во 2018 година изјави дека израелските агенти добиле огромна архива на ирански документи што покажуваат дека Техеран спроведува повеќе нуклеарни активности отколку што се знаеше претходно.