Визијата на режисерот Синиша Евтимов на култната комедија на францускиот комедиограф Жорж Фејдо, во околу два часа, со комични сцени, со ликови именувани и ставени во локален контекст, со хумор и интересни реплики што соодветствуваат на денешното време, како и со динамична и енергична млада актерска екипа, ја насмеа до солзи скопската публика, која долго чекаше нова поставка на „Болва в уво“ во Драмски театар
Многу смеење и прекрасно расположение донесе новата поставка на претставата „Болва в уво“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, која вчеравечер премиерно беше изведена во Драмски театар и која публиката ја награди со силен и долг аплауз.
Визијата на режисерот Евтимов на култната комедија на францускиот комедиограф Жорж Фејдо, во околу два часа, со комични сцени, со ликови именувани и ставени во локален контекст, со хумор и интересни реплики што соодветствуваат на денешното време, како и со динамична и енергична млада актерска екипа, ја насмеа до солзи скопската публика, која долго чекаше нова поставка на „Болва в уво“ во Драмски.

Дејството на една од најпознатите комедии на Фејдо започнува со сомнеж, мала „болва“ во умот што те чеша и те тера да мислиш дека не е нешто во ред. Тоа е комедија на недоразбирање, лажни сомнежи, двоен идентитет, механички хаос. Во претставата, Евтимов ја зема основата на Фејдо, но ги адаптира ликовите, топонимите и репликите „овде и сега“. Теми се брачниот живот, љубомората, страстите, недовербата, класните разлики… Кулминацијата на дејството е во хотелот „Лаки“.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дениз Абдула, кој игра два лика: Виктор и Поше; Ања Митиќ како неговата сопруга Рената; Марјан Наумов како Миле, а во улогата на Ристе е Лазар Христов. Игор Стојчевски го толкува ликот на д-р Филев, а Стефан Вујисиќ на Дони Карлос Хомениде. Нина Елзесер ја игра Луси, Владимир Петровиќ – Бегби, Рубенс Муратовки – Филип, Катерина Шехтанска – Оли, Томислав Давидовски – Ангел, Јована Спасиќ – Анета, Петар Стојковиќ – Бате и Ивана Павлаковиќ – Евгенија. Тие трчаат, се бркаат, бегаат, паѓаат, се онесвестуваат, се кријат по собите, трескаат врати… Нивните обликувани ликови се современи, живи, експлицитни, нивниот јазик резонира со денешното време. Зборуваат на неколку странски јазици, влегуваат во комични ситуации, реагираат бурно и гласно, го одразуваат современото општество… Репликите се полни со хумор, сцените нè потсетуваат на случки, пороци, девијации со кои се соочува и современото македонско општество. Дел од репликите, веројатно, ќе бидат прераскажувани од публиката.

Освен Дениз Абдула кој совршено се снајде со двете улоги, врвен впечаток остави Нина Елзесер која и овојпат даде свој печат на и онака впечатливиот лик на Луси, а не помалку блеснаа и Томислав Давидовски, Ања Митиќ, Марјан Наумов… Сè на сè, младите актери со својата извонредна глума покажуваат дека Драмски има одлична генерација и дека публиката може да очекува уште многу интересни премиери.

На сцената, и костимите на Раде Василев „бодат очи“. Дречливи зелени, жолти, портокалови, сини варијанти, со џиџи-миџи, со комбинации на бои што не одговараат, со перики и со обувки, тие наликуваат на облеката што доминираше во 80-тите години од минатиот век, но, како што рече претходно режисерот, и не мора неопходно да значи дека станува збор за конкретните 80-ти години. Сценографијата е на Мартин Манев.

Иако навидум остава впечаток на лесна комедија, „Болва в уво“, како и кога била напишана (1907), и денес е актуелна како сатирична лекција за опасностите од паранојата и од погрешните претпоставки, како коментар за кревкоста на брачната доверба, како иронија за класните маски и јавниот углед, но и како комичен предок на денешната брзоплетост и дезинформации.
Како врв на вечерта, на премиерната изведба, пред публиката во Драмски се поклонија и актерите Благој Чоревски и Симе Илиев, кои играа во култната претстава „Болва в уво“ на овој театар, која има најмногу изведби – 453. Таа, со исклучителна генерација актери, беше поставена на 24 март 1974 година од Димитрие Османли, а дел од публиката сè уште ја памети и прераскажува.
Како што информираа од Драмски, првите три изведби на претставата се веќе распродадени, а првата следна е закажана за 24 јануари. (Н.И.Т.)












