Симптомите на ишијас се карактеризираат со остра болка, болка што жари, проследена со чувство на трпнење, слабост, вкочанетост и здрвување. Во најголем дел од случаите се јавува еднострано, односно се спушта од половината по должината на едната нога. Одредени положби на телото може да влијаат врз интензитетот на болката
Ишијасот најчесто се карактеризира со болка во долниот дел на грбот, која, преку колкот, се спушта во задниот дел на ногата, а во одредени случаи ги зафаќа и стапалото и прстите. Најчесто се јавува само на едната страна. Интензитетот на болката варира. Најголем дел од луѓето закрепнуваат со одредени лекови и со физикална терапија.
Ишијасот е познат уште и како лумбоишијалгија, претставува невралгија што примарно се карактеризира со болка во пределот на телото што е инервиран од n. ischiadicus. N. ischiadicus е најголемиот нерв во човечкото тело, кој започнува од долниот дел на грбот и испраќа нервни гранки сè до потколеницата и стапалото.
Симптомите на ишијас се карактеризираат со остра болка, болка што жари, проследена со чувство на трпнење, слабост, вкочанетост и здрвување. Во најголем дел од случаите се јавува еднострано, односно се спушта од половината по должината на едната нога. Одредени положби на телото може да влијаат врз интензитетот на болката, па така таа најчесто се зголемува при исправена положба, одење, клекнување или при свиткување на половината, додека во лежечка положба, делумно се намалува или целосно исчезнува.

Причини за ишијас
Постојат повеќе причини за ишијас, најчесто станува збор за хернија на интервертебралниот дискус во лумбалниот дел. Внатрешниот централен дел на дискусот може да хернира и да врши притисок врз нервот, поради што се јавува остра болка.
Исто така, причина може да биде и дегенеративно заболување на интервертебралниот дискус во лумбалниот дел. Дегенерацијата на дискусите е нормален процес при стареењето, но кај одредени луѓе овој процес во лумбалниот дел може да направи иритација на n. ischiadicus и да се јави остра болка.
Бременост. Промените низ кои поминува телото при бременост, како зголемување на телесната тежина, притисок од плодот и хормонални промени, може да доведат до појава на ишијас.
Спондилолистеза – поради мала стре-фрактура настанува дислокација на прешленското тело кон напред, со што се врши компресија на нервот.
Исто така, ишијасот може да се јави секундарно, како резултат на некое примарно заболување како дијабетес. Дијагноза за ишијас се поставува преку добра анамнеза и се прави детален физикален физиотерапевтски преглед.
Со цел да се одреди причината за појавата на ишијас, во некои случаи се потребни и дополнителни испитувања како правење електромиограм, рендген, компјутерска томографија и магнетна резонанција.
Постојат неколку опции за третман во зависност од причината што довела до појава на симптомите, како и од нивниот интензитет.
Како лекови најчесто се користат аналгетици за ублажување на болката, мускулни релаксатори и др. Во потешки случаи се применува кортикотерапија.
Физикална терапија, вежби и масажи, а во краен случај и хируршки третман.
Физикалната терапија трае 21 ден, но може да се продолжи и повеќе од 21 ден.
(Авторот е специјалист по здравствен фитнес,
Ординација за физиотерапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ –ЗДРАВЈЕ)












