На неколку дена од почетокот на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 63 претежно млади луѓе, од Здружението 16 март најавија голем протест што ќе се одржи во сабота во Скопје.
„Маршираме од Плоштад Македонија преку Собранието кон Основниот кривичен суд. Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка“ стои во објавата на социјалните мрежи, а дел од родителите ја бараат поддршката од граѓаните и преку видо порака.
„Нашите деца умреа на 16 март. Шеесет и три деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме од вас милост, бараме да ни се придружите во борбата за правда, затоа што нашите деца го заслужуваат тоа. Маршираме за вистината. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба ваша поддршка“,велат во видеото родители на починати деца во големата несреќа.
Велат дека на првото доаѓање во Скопје, кога од институциите барале видливост, но добиле само празни ветувања, изостанала и поддршката од граѓаните . Од тогаш до денес бројат триесет пати „Марш за ангелите“ во Кочани, и порачуваат дека нема да застанат.
„Затоа, драги сограѓани, ве повикуваме во сабота масовно да излеземе на скопските улици. Да се погледнеме. Да се запознаеме. Да не чуете одблизу. Без посредници, без извртувања, без лагите и манипулациите кои се обидуваат да не поделат и претстават во лажно светло. Ние сме родителите на ангелите и за нас единствено нешто што остана на овој свет е борбата за правда, а неа не можеме да ја водиме без вашата поддршка“, повикаа родителите на масовност.
Од Здружението повикаа на сплотеност во борбата против корупцијата која што одзема 63 млади луѓе. Судењето за пожарот во Кочани кој предизвика колективна траума ќе почне на 19 месецов во судницата во затворот „Идризово“. На обвинителна клупа ќе седнат 37 обвинети лица и три фирми. (П.А.)












