Пламенот што ја проголта новогодишната ноќ во Кран-Монтана, до болка ја разбуди раната од Кочани – истите искри под тавани што горат, истата паника во тесни излези и истата тишина што останува по младите што излегоа да слават, а никогаш не се вратија дома. Две држави, две трагедии, една иста лекција што светот упорно ја учи предоцна. Пиротехнички ефекти во затворен простор, тавани обложени со лесно запаливи материјали, тесни и недоволни излези, задоцнета свест за опасноста и системските пропусти покажуваат дека не познаваат граници, а цената секогаш ја плаќаат младите животи
Македонија сочувствува со Швајцарија по трагедијата во скијачкиот центар Кран-Монтана, каде во многу слична несреќа како таа во Кочани, предизвикана од пожар во ноќниот клуб „Констелејшан“, загинаа повеќе од 40 млади луѓе, а околу 115 се повредени. Во телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, ја изразил подготвеноста на нашата држава да прифати повредени пациенти и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во нашите здравствени установи.
„Дополнително, доколку има потреба, подготвени сме и македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да помогнат во процесот на лекување“, напиша Муцунски на својот профил на Фејсбук.
И од Министерството за здравство соопштија дека се разгледуваат можностите и расположливите капацитети за да ѝ се обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од пожарот во Кран-Монтана. Владата потврди дека е неизвесна судбината за македонски државјанин, кој за време на новогодишната ноќ бил во клубот. Неговите најблиски, деновиве, преку социјалните мрежи, повикуваа на каква било информација за Стивен Ивановски, облечен во бели панталони и бела блуза. Семејството со македонско потекло е едно од стоте останати од Швајцарија, Франција, Италија, на кои новата година им почна во неизмерна болка и неизвесност. Наместо честитки и прегратки, ноќта ја минаа пред телефоните, болниците и полициските кордони, чекајќи каква било вест за своите најблиски. Тоа се деца што излегоа да ја дочекаат новата година – и никогаш не се вратија дома.
„Луѓето гореа, изгасив некок што трчаше надвор, неговата јакна гореше. Се обидов да го изгаснам најдобро што можев“, раскажува 19-годишниот Тео, кој се обидел да влезе во подрумот за да им помогне на жртвите. 20-годишниот Денис, се сеќава на тесните скали од кои тој и другите извлекле бројни жртви кои ги подавале на раце. „Се обидувавме да ги зграбиме и да ги извлечеме“, вели тој. Младата Летиција успеала да стигне до вратата која била блокирана од голем број луѓе, и се нашла, како што раскажува, „закопана под луѓе кои биле во пламен или биле мртви“. Опкружена со пламен, таа била спасена од еден млад човек кој ја зел за рака и брзо ја извлекол од пламенот. Алексис Лагер, 18-годишен, одел покрај „Ле Констелашн“ со своите пријатели кога видел чад како излегува од барот. Веднаш ги повикал службите за итни случаи. Било 1:28 часот наутро. „Неколку секунди или минути подоцна, видовме пламен како излегува од клубот, достигнувајќи и до надворешните прозорци. Видовме луѓе како трчаат низ пламенот и горат“, раскажа тој на швајцарската програма „Форум“.
Бројот на жртвите и повредените се менува и оди во нагорна линија
Форензичките тимови предупредуваат дека идентификацијата ќе биде долг и тежок процес. Од урнатините на објектот досега се извлечени повеќе од 40 тела, а патолозите работат во исклучително тешки услови. Посебна вознемиреност владее во Лутри, во кантонот Во, каде што неколку млади фудбалери од ФК Лутри се водат како исчезнати. Според медиумите на француски јазик, најмалку петмина од нив биле во барот во моментот кога избувнал пожарот. Лекарите од Универзитетската болница во Лозана предупредуваат дека кај лица со тешки изгореници ризикот од смрт останува висок и во деновите што следуваат. Државниот советник Стефан Ганцер предупреди дека меѓу 80 и 100 повредени се во критична состојба и дека бројот на жртвите може да расте. „Кога повредените лица имаат приближно 15 % од површината на телото изгорена до трет степен, ризикот од смрт продолжува во часовите и во деновите што следуваат. Септикемијата може да се прошири низ целото тело.“ Лекар од болницата во Лозана изјави дека повредените имале изгореници што покриваат 60 % од нивните тела или повеќе.
Истрагата треба да покаже дали објектот бил во согласност со прописите
Снимките што ги објави францускиот информативен канал БФМТВ ја открија страшната секвенца од неколку секунди што го смени животниот тек на десетици млади животи. На видеото се гледаат гости и келнери како креваат шишиња шампањ со прикачени пиротехнички свеќи, приближувајќи ги до таванот. Само миг подоцна, акустичната пена се пали, а огнот експлозивно го зафаќа целиот простор. Други снимки, објавени од швајцарски медиуми, покажуваат колку брзо горел материјалот – искри паѓаат од таванот, додека дел од гостите во првите моменти ја снимаат сцената со мобилни телефони, не сфаќајќи ја сериозноста на опасноста.
Сведоци потврдиле дека ова било редовно „шоу“ во објектот, резервирано за клиенти кои правеле специјални нарачки за своите маси. „Мислам дека имаше некои келнерки, кои држеа шишиња шампањ со мали пенливи лампиони. Тие се приближија премногу до таванот и одеднаш сè се запали“, изјави Аксел, кој бил присутен во времето на инцидентот, за италијанскиот медиум „Локал тим“.
Експертите го објаснуваат моментот со т. н „пламен на палење“ – термички феномен што се јавува кога пожар избувнува во релативно затворен простор. Температурата за многу кратко време достигнува и до 700 Целзиусови степени, по што сите запаливи материјали се палат истовремено. Просторот се претвора во огнена топка од која речиси нема спас.
Но, прашањата без одговор се таложат. „Констелејшн“ бил познат како место каде што излегувале тинејџери, па дури и помлади. Според неговата веб-страница, „Констелејшн“ може да смести 300 луѓе внатре и 40 на терасата. Сместен на приземјето од зграда, има подрум каде што се одржуваат забави и настани.
Според сведочењата, подрумот каде што избувнал пожарот имал ограничен пристап преку тесни скали. Кантоналните власти засега не коментираат дали објектот ги исполнувал сите безбедносни стандарди, нагласувајќи дека е прерано за заклучоци. Главната обвинителка на кантонот Вале, Беатрис Пилу, изјави дека е „прерано“ да се носат заклучоци и дека истрагата ќе утврди дали се почитувани прописите за излези за итни случаи и безбедност при организирање на настанот.
„Во врска со теснотијата на скалите, јас ги видов. Исто така, отидов на местото за да се уверам сама. Што точно претставува тесно скалило, воопшто?“, одговори главниот обвинител на кантонот, Беатрис Пилу, во четврток. „Истрагата ќе утврди и дали сите безбедносни стандарди се исполнети или не“, продолжи таа, додавајќи дека е „прерано“ да се коментира за усогласеноста на излезите за итни случаи и просториите воопшто, и дали се почитувани потребните процедури пред организирањето на настанот.
Според официјалните информации, сопствениците на барот се француски државјани – брачна двојка по потекло од Корзика. Жената се здобила со изгореници на раката, додека сопругот не бил присутен во моментот на пожарот.
Кран-Монтана и Кочани: исти грешки, иста цена
Трагедијата во Швајцарија неизбежно ја отвори болната рана од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Иако разделени со илјадa километри и различни системи, двете несреќи имаат застрашувачки сличности. И во Кран-Монтана и во Кочани, пожарот започна од пиротехнички ефекти во затворен простор – во едниот случај, т.н бенгалски светилки прикачени на шишиња, во другиот, сценски огномети. Во двата објекти, таваните и внатрешноста биле обложени со лесно запаливи материјали што го забрзале ширењето на огнот. Присуството на горливи материјали го забрзале ширењето на огнот: Во Кран-Монтана, акустичната пена на таванот го забрза ширењето на пламенот, што е во согласност со стручните објаснувања за феноменот „пламен на палење“ — нагло зголемување на температурата и ненадејно ширење на огнот во ограничен простор. Во „Пулс“, таванот и другите внатрешни површини биле покриени со фламибилни (лесно запаливи) материјали, а објектот – претходно користен како магацин и пренаменет во клуб кој немал соодветни системи за заштита од пожар.
И евакуацијата во двете несреќи се претворила во кошмар. Во „Пулс“, клубот имал само една функционална врата, што доведе до паника и смртоносно стампедо. Во Кран-Монтана, сведоштвата говорат за тесни скали и хаос во моментите кога младите се обидувале да побегнат. Жртвите во двата случаи се претежно млади луѓе – деца на една генерација што платија со живот за пропусти во безбедноста.

Додека Кран-Монтана тоне во тишина и жалост, а семејствата чекаат да ги идентификуваат телата на своите најблиски, кочанските мајки што ги изгубија своите деца во „Пулс“ испратија порака со силна поддршка и надеж за закрепнување. „Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана. Во вакви моменти, единственото што има вистинска вредност е човечноста, солидарноста и подадената рака“, напишаа од Здружението „16 март 2025“. (П.А.)












