четврток, јануари 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Боледувања, породилно, рефундација на лекови отсега и преку интернет

Боледувања, породилно, рефундација на лекови отсега и преку интернет

Дигитални здравствени услуги без шалтери

399

Граѓаните кои биле на боледување од сега ќе можат многу полесно да проверат дали им е исплатен надоместокот за плата, без одење во Фондот за здравствено осигурување и без чекање на шалтери. Преку Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk, Фондот за здравствено осигурување воведе нови електронски услуги што овозможуваат важни документи да се добијат со неколку клика.

Една од најкорисните новини е електронската потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа, односно боледување. Со оваа услуга, секој граѓанин може да провери дали и кога му е исплатен надоместокот, без да доставува дополнителни барања или потврди.

Покрај ова, граѓаните можат електронски да извадат и потврда за пријава или одјава во задолжително здравствено осигурување, како и потврда дали се осигурени и дали им е платен здравствениот придонес. Сите овие документи досега најчесто се обезбедуваа со лично присуство.

Новина има и за фирмите, кои за првпат можат електронски да извадат потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитално и достапно во секое време.

За користење на услугите, граѓаните се најавуваат со еден кориснички профил преку системот за единствена најава, што значи дека нема потреба од посебни профили за секоја институција. Со истата најава можат да се користат повеќе државни услуги на едно место.

– Ако некој граѓанин смета дека сака да си ја заврши услугата хартиено, таа била нудена на тој начин, тоа ќе продолжи да го прави и во пракса.  Што се однесува до нови услуги коишто ги нудиме, како што беа ваучерите за студенти, намерно стратешки решивме тие да бидат исклучиво преку Порталот за услуги, за да ги научиме дека можат и треба да го користат, да го испромовираме кај помладите“, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Фондот за здравствено осигурување од денес е поврзан и со Централниот регистар на населението, па личните податоци автоматски се преземаат од официјален извор. Тоа ја намалува можноста за грешки и го забрзува решавањето на постапките, особено кај боледувањата, бременоста и другите здравствени права.

– Овие податоци автоматски се користат во постапки како што се пријавата и одјавата на здравствено осигурување, утврдување на својство на осигурено лице, остварување право од боледување, бременост и раѓање, лекување во странство, издавање двојазични обрасци, рефундации и други права и обврски коишто ги извршува Фондот, изјави Андоновски

Надлежните нагласуваат дека дигитализацијата не ги укинува шалтерите. Граѓаните кои сакаат, и понатаму ќе можат да ги користат хартиените услуги, но електронските се воведуваат како побрза и поедноставна опција.

Во моментов, над 300 илјади граѓани веќе го користат системот за единствена најава, а повеќе од 240 илјади имаат профил на Националниот портал за е-услуги. Од институциите порачуваат дека целта е граѓаните да не губат време и нерви за документи што можат да се добијат од дома.

ИЗДВОЕНИ