Бојосани ѕидови и нов мебел во градинката „Бубамара“

197

По цели 30 години, првпат се спроведува поголема реконструкција на главниот објект на градинката „Бубамара“ во Ново Лисиче.

– Покрај молерисувањето и другите тековни активности, во дел од просториите беше извршена целосна санација на ѕидовите, беше заменет подот, а се поставува и нов, современ мебел за безбеден престој на најмалите – соопштија од Општина Аеродром.

Исто така, се спроведуваат и активности за тековно уредување на градинката „Срничка“. Покрај тоа, во објектот „Чекорче“ во населбата Јане Сандански прв пат е отворен ресурсен центар со современа сензорна соба.

– Овој мултисензорен простор е наменет за индивидуален пристап и стимулација, овозможувајќи поддршка за децата со различни развојни потреби. Опремен е со дидактички и рехабилитациски материјали, кои ги поттикнуваат моторниот и сензорниот развој, ги подобруваат координацијата, вниманието и сликата за себе – изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

Тој додаде дека во објектот „Црвенкапа“ во Стар Аеродром, поради големата потреба од згрижување деца на возраст за во јасли, се подготвува уште една воспитна група.

– Ходниците, мебелот и просторијата се адаптираат на потребите на децата од најраната возраст за да им се овозможат лесна адаптација и пријатен престој – заклучи Митески.

ИЗДВОЕНИ