По успешниот прв солистички концерт на поп-ѕвездата!
Облечена во елегантен црн светкав костум со лакирани црни обувки на високи потпетици и со косата и шминката налик на европските ѕвезди кога имаат вакви концерти, за малку публиката ќе ѝ рипнеше во прегратка. Навистина! Бојана, комплетно, во сè, го погоди вкусот на присутните!
На самиот почеток, се прашувам зошто мислевте дека популарната поп-пејачка Бојана Скендеровски ќе има концерт во малата сала на Македонска филхармонија? Не знам, навистина. Ама, знам дека за реализација на овој успешен концерт беше задолжена екипата на „Скендеровски –продукција“, а ќе го видиме во одложена снимка на Македонската телевизија во текот на претстојните празници.
Но, вистина е дека и главата ни ја „подувте“ со тие невкусни прашања: зарем нема Бојана да пее во големата сала? И најпосле, се уверивте и самите вие, душогрижници, дека Бојана, сепак, својот фантастичен прв солистички концерт го одржа во големата сала на Филхармонија, онака како што ѝ доликува на нејзиното пејачко име. Програмата беше исполнета со забавни песни, поп-шлагери, не со патриотски, бидејќи замислата за концертот од самиот старт беше сосема поинаква од оној другиот, исто успешниот „Македонијо, во срце те носиме“.
А и да не се лажеме, Бојана не е партиска пејачка, како што сакаат да ја квалификуваат тие што не ја трпат, туку е пејачка на народот, овој што живее на ова парче земја. Без разлика на партијата, нацијата, верата, па ако сакате и на сексуалната определба. Има таа доволно многу обожаватели и од женската и од машката популација, кои ја исполнија салата на Македонската филхармонија.
Распеаната вечер започна онака вистински дамски, при самото излегување на Бојана на сцената. Кога ја видовме облечена во елегантен црн светкав костим, со лакирани црни обувки на високи потпетици и со косата и шминката налик на европските ѕвезди кога имаат вакви концерти, за малку публиката не ѝ рипна во прегратка. Навистина! Бојана комплетно го погоди вкусот на присутните со својата визуелна појава. А, што да кажеме за изборот на песните…. Пеевме и си мислевме, можно ли е, или сонуваме? Пејачката го отвори концертот со „Зборови лажни“. Убедливо и без трема, само со позитивна возбуда.
– Добровечер, Скопје, ви благодарам што сте тука. Во мојата кариера имам песни со различни стилови и во секоја од нив оставив дел од себе. Сакам да експериментирам и да менувам, а во следните два часа ќе прошетаме низ мојата музичка приказна. Таа приказна ќе ја води овој професионален бенд зад мене.
Со овие топли зборови Бојана ѝ се обрати на публиката. Се редеше песна по песна, а аплаузот на присутните беше сè посилен. Не изостанаа ниту две прекрасни песни од репертоарот на легендарната Маја Оџаклиевска: „Многу солзи“ и „Само сеќавања“, за кои Бојана истакна дека не се само песни како песни, туку песништа кои ја прават горда и затоа што ги пее Маја, која од мали нозе ѝ била, но и сè уште ѝ е музички идол. Бојана нè потсети и на убавата „Диви цветови“, а емоциите избувнаа кога ја испеа песната „Кон небото“ – посветена на сите оние нејзини пријатели кои прерано заминаа на оној свет, а кои сега „нè гледаат и нè чуваат некаде од горе“.
Бојана на сцената имаше и гости, нејзините добри колеги. Нејзиниот прв гостин беше популарниот пејач Ламбе Алабаковски. Заедно ја пееја песната „Во дилема“, песна која Бојана своевремено ја има снимено со Роберт Билбилов и со Тони Зен. Потоа следуваа хитовите: „Око мое“ (во мошне интересно реге-издание), па „Немам одбрана“, „Среќа и несреќа“, „Нема јас да сфатам“, „Најмил мој“… но и првото концертно изведување во живо на нејзината најнова песна, потенцијалниот хит „Нема, нема“. А, всушност има, има и тоа како имаше многу позитивни вибрации од сцената кон публиката. Сето тоа „зачинето“ со одличните танчари.
Вториот гостин на вечерта беше секогаш убедливиот фолк-пејач, гордост на нацијата, Миле Кузмановски, кој нè почести со безвременската „Не кани ме“. И секако дека сите во еден глас пееја со него. Потоа Бојана направи куса пауза, за да земе здив, но и да се преслече, па излезе во спектакуларен светложолт фустан. Од убава, поубава!
А, како трет гостин на сцената се појави вечната дама на македонската народна музика – Сузана Спасовска. Или подобро кажано, Сузе – национале, која со душа ја испеа прекрасната „Параходот“. Предизвика овации кај присутните, а особено кај нас, новинарите.
Потоа, Бока, како што ја викаме нагалено, ги испеа и „Запејте сите ангели“, новата „Дома“, но, и славната „Заветна“ (од репертоарот на славниот Пепи Бафтировски), која ја остави за самиот крај на концертот. Целата сала во Македонска филхармонија пееше: „…векови пеколни заедно ќе минеме, древна земјо Македонска, така е пишано ништо да не бидеме, ти без мене, јас без тебе, само ти си бесмртна жива вода подземна, кај што тонеш, ти извираш…“ Поддржана со искрени патриотски емоции и солзи радосници, Бојана Скендеровски покажа и докажа дека на нашата публика многу ѝ недостасуваат ваквите забавно-музички концерти. И во ваквите свечени концертни простори, со фино одбрана публика, која се разбира и во пеењето и во интерпретациите.
Затоа со причина ќе кажеме, нека ѝ се множат на Бојана уште вакви настапи, уште убави песни, нека е здрава, жива, комуникативна и постојано силно распеана. И секако вљубена!
Дуле МИЌИЌ-vecer.press/фото: П. Стојановски












