Со двотретинско мнозинство, Собранието денеска го избра новиот состав на Државна изборна комисија. Од вкупно 92 присутни пратеници, 83 гласаа „за“ поранешниот министер за правда, кој беше и вицепремиер за евроинтеграции, Бојан Маричиќ да стане нов претседател на ДИК.
За потпретседател на Комисијата е избран Абдуш Демири, додека за членови на ДИК се избрани Александар Даштевски, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко, Ангелче Ристов и Дитмире Шеху.
За овие позиции беа пријавени вкупно 16 кандидати, меѓу кои најголем дел правници, но и кандидат со образование од областа на електротехниката, како и дефектолог.
Од граѓански активизам до клучни државни функции, ваква е во кратки црти политичката траекторија на Маричиќ. Тој станува политички поекспониран во 2016 година, како претседател на невладината организација Меѓународен центар за европско образование и активен поддржувач на „Шарената револуција“, период во кој често учествуваше во јавни дебати за евроатлантскиот курс на државата.
Во 2017 година е назначен за посебен советник за евроатлански интеграции на тогашниот премиер Зоран Заев, а подоцна активно учествува и во процесите поврзани со постигнувањето на Преспанскиот договор. По неговото изгласување во Собранието, Маричиќ беше именуван за главен технички преговарач со Европската Унија и шеф на техничкиот преговарачки тим во рамки на скрининг-процесот.
Маричиќ е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, со дополнителни студии во Лондон и Амстердам. По враќањето во земјава, кратко време работел како асистент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а има и професионално искуство на проекти за француското Министерство за внатрешни работи, како и во невладиниот сектор.
Во јавноста беше актуелен и по сметките за гоштевање на државна сметка.












