Националниот археолошки музеј од Македонија, со богатите наоди од археолошкиот локалитет Таранеш во Дебарско, ќе учествува на големата меѓународна изложба „Атила“, која ќе биде отворена за јавноста на 23 јануари, во Унгарскиот национален музеј во Будимпешта. Публиката ќе има можност да ја види во наредните шест месеци, поточно до 12 јули 2026 година.

– Нашиот музеј ќе се претстави со исклучително значајни предмети од гробот откриен на локалитетот Таранеш кај Дебар, доцноантичка гробна целина позната по богатите наоди. Инаку, изложбата ќе обедини повеќе од 400 артефакти од 64 музеи во 13 земји, меѓу кои и бројни водечки европски институции, претворајќи ја во најзначајната изложба посветена на Атила во Европа, во последните децении. Со своето учество, Националниот археолошки музеј му се приклучува на ова престижно друштво на европски музеи и придонесува за интернационалната приказна за културното наследство од времето на Хуните. Во местењето на артефактите учествуваше стручен тим составен од комесарот на изложбата и виш кустос за доцна антика,  Радомир Ивановиќ, и Емилија Димковска, виш конзерватор за метал. На денот на отпакување на предметите, присуствуваше и унгарскиот министер за култура и иновации, Балаш Ханко – велат од Националниот археолошки музеј во Скопје.

Инаку, од Музејот во Будимпешта посочуваат дека изложбата го претставува односот помеѓу митот и реалноста околу личноста на Атила во светлината на археологијата, историографијата, уметноста, антропологијата, археогенетиката и современите рефлексии, а воедно на уникатен начин формира мост помеѓу сеќавањето на легендарниот хунски водач, кој сè уште живее во источните и во западните култури.

– Привремената изложба што се одржува во просторите на музејот оживува 1.600 години од ликот и митовите на Атила, презентирајќи околу 400 уметнички богатства од хунскиот период до денес. Во организација на Унгарскиот национален музеј, во соработка со унгарската фондација „Туран“, ова е досега невидена изложба, а се отвора и меѓународна конференција насловена „Нови резултати од европските Хуни и степската археологија“, на која се презентира сеќавањето на Хунската Империја предводена од големиот Атила.

Инаку, Таранеш, археолошко наоѓалиште во дебарското село Селокуќи, претставува населба и некропола од римско и од доцноантичко време. Се наоѓа на северната периферија на селото, во маалото Таранеш, помеѓу реките Црн Дрим и Поповска Река. Во октомври 1982 година било извршено заштитно ископување, при што бил откриен гроб – тип циста, во кој како гробни прилози се најдени: златна крстовидна фибула, сребрена позлатена чинија, сребрен ѓум, прибор за пишување, коскени жетони за игра, чаша дијатрета, две вретенести фиоли, железна секира и други предмети од сребро. Најпознат артефакт од наоѓалиштето е дијатретата, која е од келнски тип, но која, според надлежните, нема да биде дел од оваа изложба.

Изложбата, велат учесниците, е можност да споредат различни перспективи, да се постават прашања и да се развие нова соработка. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ