Ирскиот музичар Боб Гелдоф ги обвини израелските власти дека „лажат“ за гладот во Газа, по изјавата на портпаролот на израелската влада, Дејвид Менцер, кој претходно изјави дека палестинското милитантно движење Хамас „го изгладнува сопствениот народ“ и дека Израел не е одговорен за масовното гладување во Газа.
Гелдоф за „Скај њуз“ изјави дека тврдењата се лажни и дека 1.000 деца и луѓе починале од глад во јули.
„Тие лажат. (Бенџамин) Нетанјаху лаже, тој е лажго. Израелските одбранбени сили лажат. Тие хранат гладни, панични, исцрпени мајки. Овој месец, досега, 1.000 деца или 1.000 луѓе починаа од глад. Навистина не ме интересира што вели која било страна“, рече тој.
Менцер претходно за „Скај њуз“ изјави дека страдањето во Газа „постои затоа што Хамас го направил такво“.
„Еве ги фактите. Помошта тече преку Хуманитарната фондација Газа. Милиони оброци се доставуваат директно до цивилите“, рече тој.
Тој додаде дека повеќе од 4.400 камиони што носат хуманитарна помош влегле во Газа од мај.
Претходно, „Лекари без граници“ предупредија дека 25 проценти од малите деца и бремените жени во Газа сега се неухранети и дека „намерната употреба на гладот како оружје“ од страна на Израел достигнала невидени нивоа и дека во една од нивните клиники во градот Газа, стапката на тешка неухранетост кај децата под пет години се зголемила тројно во последните две недели, објави Танјуг.