На 27 октомври, сите архиви, кинотеки, филмски музеи и институти во светот го одбележуваат Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со активности, промоции и настани со кои фокусот на светската јавност го насочуваат кон значењето и ранливоста на аудиовизуелното наследство. Како дел од тоа големо семејство на професионалци и институции посветени на заштитата и на сочувувањето на филмското културно наследство, и Кинотеката се вклучува со свои активности во одбележувањето на овој значаен ден.
Во таа насока, денеска (27 октомври), со почеток во 12 часот, ќе се одржи блуреј промоција на филмот „Мис Стон“ на Живорад Жика Митровиќ од 1958 г., а до крајот на октомври, пак, во вечерните термини на филмската програма, ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.
Од понеделник до петок, односно од 27 до 31 октомври, на репертоарот во Кинотека ќе бидат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да го нагласиме токму оваа 2025 година. Пред сè, тука се филмовите: „Денови на искушение“, „Волча ноќ“, „Оловна бригада“, „Контакт“, „Ангели на отпад“, „Јад“ и „Време, води“.
Светскиот ден на аудиовизуелното наследство (WDAH – World Day for Audiovisual Heritage) е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. Три и пол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и ја прошири таа првична препорака со нова и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.












