Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Србија и другите балкански земји да примат мигранти депортирани од САД, соопштија луѓе запознаени со ова прашање, објави денес „Блумберг“.
Барањата до земјите во регионот се во тек и се дел од поширока стратегија за пронаоѓање странски влади кои се подготвени да прифатат мигранти испратени од Соединетите Држави, вклучително и некои кои првично влегле во Соединетите Држави под заштита воспоставена од поранешниот претседател Џо Бајден, рекоа извори, кои зборуваа под услов на анонимност бидејќи разговорите се приватни, додаде Блумберг.
Во врска со оваа вест, се потсетува дека Врховниот суд на САД ѝ дозволи на администрацијата на Трамп да го поништи правниот статус на илјадници венецуелски, кубански, хаитски и никарагвански мигранти кои живеат во САД, поттикнувајќи ги напорите на републиканскиот претседател на САД да го зголеми бројот на депортации.
Блумберг вели дека администрацијата на Трамп разгледува можни дестинации за имигрантите кои би можеле да бидат депортирани врз основа на таа одлука.