Превозниците од Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ се повлекоа од блокадите на граничните премини по најавата на новата визна стратегија на Европската комисија. Следната недела, во Брисел, ќе се одржи состанок на министрите од Западен Балкан со претставници на ЕК, каде што ќе се дискутираат барањата за флексибилност во престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Од „Макам-транс“ истакнуваат дека со потврдата од Брисел се отвори можност за нормализирање на меѓународниот товарен сообраќај и олеснување на работењето на транспортните компании

Македонските и камионските превозници од Црна Гора вчера се повлекоа од блокадите на граничните премини откако Европската комисија објави нова визна стратегија што би го решила проблемот со ограничувањата за престој на професионалните возачи во Шенген-зоната. Од друга страна, камионџиите од Србија и Босна и Херцеговина продолжија со блокадите сè до денеска до 15 часот, по што и тие се разотидоа.

Со тоа, превозниците од Западен Балкан продолжуваат со извршување на транспортните задачи и сметаат дека секоја понатамошна продолжена нарушеност на синџирите на товарниот транспорт би ги довела производствените компании и граѓаните во тешка положба. Тие ја повикаа Европската комисија, земјите членки на Шенген, како и стопанствениците во Европа, сега кога се свесни за значењето на непречените транспортни синџири, да помогнат веќе да не дојде до недоразбирани апсења и депортации на нашите возачи.

– Очекуваме подадена рака и од другата страна и однос што го заслужуваат луѓето кои, во вонредни ситуации, како што е пандемијата, единствени во Европа ни доставуваа стока. Да не чекаме да останеме без нив. Синџирите на снабдување не смее повторно да бидат прекинати – изјавија од Здружението на превозници на Србија.

Сега сите очи се вперени кон Брисел, каде што во вторник ќе се одржи состанок на министрите од сите земји од Западен Балкан со претставници на Европската комисија за проблемите на превозниците од регионот во Шенген-зоната.

Од Асоцијацијата „Макам-транс“, која беше организатор на блокадите на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење, вчера одржаа координативен состанок во Министерството за транспорт и врски со ресорниот министер Александар Николоски. Тој ќе ја предводи македонската делегација на министерскиот состанок во Брисел, каде што ќе ги презентираат барањата на македонските транспортни компании во врска со актуелните регулативи кои сериозно ги отежнуваат секојдневното работење, со негативни ефекти врз меѓународниот автобуски и товарен сообраќај, економијата и туризмот.

Европската комисија вчера донесе одлука за нова визна стратегија која би требало да го реши проблемот со престојот на професионалните возачи – 90 дена во период од 180 дена.

– Бидејќи потврдата ја добивме од Брисел, одлучивме дека нема потреба повеќе да протестираме и сакавме да им овозможиме на нашите превозници да го искористат вчерашниот работен ден, да си ги завршат царинските и други формалности. Меѓутоа, не им сугериравме веднаш да почнат со работа, туку оставивме самите да одлучат за тоа. Упатувам благодарност за разбирањето и соработката со Царинската управа, МВР и Министерството за транспорт и врски за време на блокадите, а особено сме им благодарни на медиумите, кои нашата борба ја направија видлива за цела Европа – изјави за весникот ВЕЧЕР Биљана Муратовска, генерален секретар на „Макам-транс“.

Новата визна стратегија на ЕУ, како што беше најавено, ќе им помогне на превозниците од Западен Балкан, бидејќи „ЕУ сака да овозможи пофлексибилни правила за прекуграничните работници“.

– Свесни сме за загриженоста што ја изразија транспортните оператори од Западниот Балкан. Внимателно ја следиме ситуацијата и сме во контакт со нашите партнери во регионот. Во средата оваа недела се одржа средба меѓу Комисијата и амбасадорите на шесте земји од Западниот Балкан во ЕУ, а за следната недела е закажан дополнителен состанок со министри од овие засегнати земји – рече портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, Маркус Ламерт.

Тој нагласи дека Европската комисија е целосно посветена на прашањата што ги иницираа превозниците и дека со завчера објавената Стратегија за визите се предвидува тесна соработка со земјите членки „за да се идентификуваат прагматични решенија што ќе осигурат безбедност и економска корист за ЕУ, како и правна јасност за патниците“.

– Врз основа на размислувањата, ќе се разгледа и воведување ново законодавство со специфичен сет правила за продолжен кус престој на ниво на ЕУ –  додаде Ламерт.

На новинарското прашање кога би можеле да се очекуваат новите правила, тој рече дека засега не може да даде временска рамка. Во однос на забелешките на превозниците за воведувањето на Системот за регистрација на влез и излез (ЕЕС), Ламерт нагласи дека со него не се воспоставуваат нови правила за престој во Шенген-зоната, туку остануваат на сила веќе постојните правила.

– Според правилата на Шенген-зоната, граѓаните на земјите ослободени од визен режим имаат право да останат во Шенген-зоната до 90 дена во кој било период од 180 дена. Секој престој подолг од ова мора да биде покриен со различна форма на виза, на пример, со виза за долг престој или дозвола за престој издадена од земја членка. Нема нови правила – јасен е Ламерт.

Тој додаде дека постои флексибилност за прекугранични работници, кои секојдневно ги минуваат границите на ист премин, но тоа не важи за сите професионалци.

– Свесни сме дека некои професионалци имаат потреба да престојуваат во Шенген-зоната подолго од 90 дена во периодот од 180 дена. Ова вклучува возачи на камиони, но и спортисти и уметници. Тоа се регулира со национални правила и билатерални договори – истакна Ламерт.

Портпаролот на ЕК потсети и дека ЕЕС, чие постепено воведување започна лани во октомври, е важен чекор за безбедноста на заедничките граници на Унијата, додека досегашните статистики покажуваат дека 23 милиони субјекти се веќе поврзани, а регистрирани се 12.000 прегледи на влезови. Целосната примена на системот е предвидена за април, со можност периодот за постепено воведување да се продолжи до септември, ако се појават проблеми или застои.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ