Европските институции сè погласно предупредуваат дека злоупотребата на правото на вето од страна на земјите членки го нарушува кредибилитетот и ја забавува динамиката на процесот на проширување на Европската Унија. По серијата остри изјави на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој оцени дека блокадите што не произлегуваат од Копенхашките критериуми се целосно неприфатливи, денеска и Европскиот парламент испрати јасна и недвосмислена порака: билатералните прашања не смеат да станат инструмент за условување и блокирање на евроинтеграциите.
Овие ставови доаѓаат во момент кога процесот на проширување е повторно во фокусот на европската агенда, особено во контекст на зголемените геополитички тензии и потребата од стабилност на континентот. Со јасни критики кон земјите што го користат консензусот како средство за национални политички цели, институциите на Унијата испраќаат сигнал дека иднината на европскиот проект бара поголема координација, предвидливост и фер пристап кон земјите кандидати.
– Нерешените билатерални прашања меѓу членките од ЕУ и земјите што не се членки на Унијата треба да се решаваат билатерално и не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати за членство. Проширувањето е една од најсилните алатки на ЕУ во надворешната политика и геополитиката и останува клучен двигател на долгорочната безбедност, мирот, стабилноста и просперитетот во Европа врз основа на заедничките демократски вредности и претставува историска можност со значајни социоекономски, политички и безбедносни предности и за ЕУ и за земјите опфатени со процесот на проширување – се наведува во предлог-извештајот за стратегијата на ЕУ за проширување на Европскиот парламент, во кој се потенцира дека некои од државите што се стремат да се приклучат кон блокот, веќе со години имаат статус на кандидати за членство.
При презентацијата на документот пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, известувачот, литванскиот европратеник Петрас Ауштевичиус, изјави дека ЕУ мора да има стратегија за проширувањето, а не само еднократен план, и дека не смее да дозволи тој процес да биде држен во заложништво од која било земја членка, бидејќи се работи за обединување на Европа и зближување на Европејците. Тој порача дека ЕУ мора да ја одржи функционалноста на пристапниот процес, па затоа мора да премине кон носење одлуки со квалификувано мнозинство и мора да го направи тоа навремено и на најтранспарентен начин.
– Земјите опфатени со проширувањето не се тампон-зона на ЕУ, тие се идни членки на нашата заедничка Унија и потребни им се практична приспособливост, индивидуална интеграција и структурна финансиска поддршка – истакна Ауштевичиус.
Во предлог-извештајот се потенцира дека проширувањето е процес базиран на заслуги и секоја земја кандидат мора да биде оценета според сопствените заслуги во спроведувањето на Копенхашките критериуми, усогласеноста со законодавството на ЕУ и исполнувањето на сите дополнителни услови утврдени во рамката за проширување.
– Владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите и почитувањето на основните права, вклучително и правата на малцинствата, мора да останат водилки на процесот на проширување, при што независноста на судството, борбата против корупцијата и вклучувањето и поддршката на граѓанското општество се клучни предуслови за напредок на патот кон членство во ЕУ, особено во време на растечки авторитарни тенденции – се вели во извештајот.
Во него се посочува дека проширувањето е од најголема стратешка важност за ЕУ во услови на руската воена агресија врз Украина, дека ќе ја зајакне европската безбедност и дека иднината на Западен Балкан, Украина и на Молдавија е во рамките на ЕУ. Во предлог- извештајот се охрабруваат земјите кандидати да продолжат решително да ги спроведуваат потребните реформи и да се усогласуваат со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како суштински индикатор за нивната посветеност на основните вредности и принципи на Унијата и на подготвеноста за идно членство.
Во документот се изразува жалење што прекумерната употреба на консензусот постојано го забавува проширувањето на ЕУ и се потсетува дека член 49 од Договорот за ЕУ овозможува премин кон одлучување со квалификувано мнозинство без негови измени.
Европратениците што учествуваа во дебатата изразија поддршка за процесот на проширување преку почитување на принципот на индивидуални заслуги на секоја од земјите кандидати и на поставените критериуми за членство. Дел од пратениците ја нагласија и потребата од промена на начинот на одлучување со премин од консензус кон квалификувано мнозинство во меѓуфазите од преговорите, со цел да се оневозможи блокирање на одредени земји и одолговлекување на преговарачкиот процес.
Македонските власти, исто така, изминатиов период инсистираа на оценување на земјите кандидати единствено врз основа на спроведувањето на Копенхашките критериуми. Премиерот Христијан Мицкоски цврсто стои на ставот дека земјава бара гаранции на патот кон ЕУ, со цел да нема нови условувања за Македонија од страна на Бугарија. (В.С.Н.)












