Поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, македонските превозници, како и од Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавија дека в понеделник ќе почнат седумдневна блокада на граничните премини што одат кон Шенген-зоната. Тие бараат да бидат изземени од системот.
– Исполнувањето на барањата на превозниците од страна на Брисел би донело значителни придобивки за развојот на економијата, како на национално, така и на регионално ниво, оценува генералниот секретар на Асоцијацијата „Макам-транс“.
Според неа, транспортниот сектор е еден од клучните двигатели на економската активност, а секое олеснување во неговото функционирање директно се одразува врз конкурентноста на стопанството.
Муратовска посочува дека македонските превозници со години се соочуваат со административни бариери, долги чекања на граничните премини и ограничувања кои, како што вели, не се во согласност со европските принципи за слободно движење на стоки и услуги.
– Доколку Брисел покаже слух за реалните проблеми на превозниците и ги исполни нивните барања, тоа нема да биде придобивка само за транспортните компании, туку и за целокупната економија. Побрз транспорт значи пониски трошоци, поконкурентни производи и зголемена трговска размена – вели Муратовска.
Таа нагласува дека Западен Балкан има стратешка улога како транзитен регион меѓу Европската Унија и пазарите на Истокот, што, според неа, мора да биде земено предвид при креирањето на европските транспортни политики.
– Регионов не смее да остане тесно грло во европските транспортни коридори. Напротив, со соодветна поддршка и со усогласување на регулативите, Западен Балкан може да стане значаен логистички центар – истакна Муратовска.
Според неа, подобрувањето на условите за работа на превозниците ќе има и директен ефект врз задржувањето на работната сила, особено во сектор кој веќе подолг период се соочува со недостиг на квалификувани возачи.
Муратовска додаде дека исполнувањето на барањата би било и силен сигнал дека Европската Унија е подготвена конкретно да го поддржи економското приближување на земјите од регионот, а не само декларативно.
– Ова е тест за европската солидарност и за реалната посветеност кон интеграцијата на Западен Балкан. Превозниците не бараат привилегии, туку фер услови за работа и еднаков третман – нагласи таа.
Муратовска апелира институциите да продолжат активно да ги застапуваат интересите на домашните превозници пред европските институции, оценувајќи дека решавањето на овие прашања е од стратешко значење за долгорочниот економски развој на државата и регионот.












