Вкупниот број загинати, ранети и исчезнати руски и украински војници во војната што трае речиси четири години би можел да достигне дури два милиони до оваа пролет.
Ова го покажуваат новите анализи, кои укажуваат на исклучително високата човечка цена на руската агресија врз Украина, пишува „Њујорк тајмс“. Според Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) со седиште во Вашингтон, бројот на жртви од двете страни веќе се приближил до 1,8 милиони.
Анализата проценува дека досега се убиени, ранети или исчезнати околу 1,2 милиони руски војници, додека бројот на украински жртви се проценува на речиси 600.000.
Тешко е да се утврдат точните бројки, со оглед на тоа што Русија, според процените, ги минимизира сопствените загуби, додека Украина не објавува официјални податоци. Поради оваа причина, студијата се потпира на процените на американските и на британските власти, како и на други релевантни извори.
Податоците, исто така, покажуваат исклучително бавен напредок на руските сили на терен. На одредени делови од фронтот, руските трупи напредуваат само помеѓу 15 и 70 метри дневно. Од јануари 2024 година, Русија окупирала дополнителни 1,5 проценти од територијата на Украина, а од почетокот на војната во 2022 година освоила вкупно само 12 проценти. Иако зимските услови ги забавија борбените операции на двете страни, Русија постигна постепен, но одржлив напредок во источните региони Луганск и Донецк, продолжувајќи ги своите напори за воспоставување целосна контрола врз тие области. Во исто време, двете армии ги приспособија своите тактики. Поради постојаната закана од беспилотни летала, руските сили во голема мера се откажаа од масовните напади со тенкови и се потпираат сè повеќе на мали групи пешадија или војници на мотоцикли, кои се обидуваат незабележано да ги пробијат украинските линии. Украинската страна користи беспилотни летала за да ги следи трагите на возилата и движењето на војниците во снегот и да ги лоцира руските позиции.
Најновиот извештај за бројот на жртви беше објавен по завршувањето на разговорите меѓу руските, украинските и американските претставници, првата таква средба на трите страни, која, според извештаите, завршила во невообичаено позитивна атмосфера.












