Со свечена празнична атмосфера, детска радост и илјадници светилки, Крива Паланка официјално ја отвори претпразничната сезона. Градскиот плоштад беше исполнет со граѓани од сите генерации кои уживаа во внимателно подготвената забавна програма, што внесе дополнителна топлина и празничен дух во овој посебен настан.

Најмладите ја почувствуваа волшебната енергија уште од првиот момент. Тие беа главните ѕвезди на вечерта и токму со нивното заедничко одбројување започна најмагичниот миг, свеченото осветлување на новогодишната елка. Во истиот момент, илјадници светилки и празнични украси блеснаа во разнобојни бои и го претворија плоштадот во вистинска зимска бајка, внесувајќи во градот чувство на радост, еуфорија и празнично единство.

Музичката програма дополнително ја збогати атмосферата, обединувајќи ги сите генерации во позитивна енергија, забава и убаво дружење. Празничните ритми и детските хитови создадоа незаборавно доживување за најмладите, додека возрасните уживаа во топол, празничен амбиент.

– Срцето е полно радост кога гледаме дека граѓаните вистински уживаат и се радуваат на настаните што ги организираме. Посебно ме радува што празничниот дух најсилно се чувствува кај најмладите, затоа што нивните насмевки се најголемата светлина на овие денови. Крива Паланка останува отворена и гостопримлива за сите добронамерни посетители. Подготвени сме за претстојниот празничен период и најавуваме богата програма, многу дружба, радост и убави моменти – истакна градоначалникот Сашко Митовски.

Општина Крива Паланка и оваа година вложи посебно внимание во празничното украсување и подготовката на програмата, продолжувајќи ја традицијата на грижа за заедницата и создавање празничен амбиент што ги зближува граѓаните. Разнобојните светилки, украсениот плоштад и внимателно осмислените детали ја прават нашата општина место кое блеска со топлина, љубов и празнична магија.

ИЗДВОЕНИ