Свечена програма и настапи на истакнати уметници во срцето на Малешевијата, со маестрата Трајанов, Атанасов и останатите. Гостите беа пречекувани со леб и сол послужено од нежните раце на милите селски девојчиња, облечени во народната носија, од малешевскиот крај. Едночасовен концерт на камерниот оркестар „Скопски солисти“, под водство на виртуозот на обоа, професор Васил Атанасов, со специјален гостин – баритонот Борис Трајанов, само ја вжешти свечената атмосфера
Дуле МИЌИЌ
Владимирово, малото питомо место, неколку километри до големото Берово, блесна како рамноправна музичка метропола. Благодарение најмногу на иницијаторот и организатор на целиот тој настан, светски познатиот музичар Горан Алачки, нашиот маестро на хармоника. Изминатиот викенд со свечена програма и настапи на истакнати уметници и големо присуство на гости и новинари, во Владимирово официјално се отвори новата фестивалска сала „Ванчо Чавдарски“, која поради самите скорешни настани кои ќе се одржуваат веќе ова пролет, ќе биде културен бисер на Малешевијата. Едноставно кажано: Владимирово блесна! А, уште повеќе дополнително ќе блесне многу наскоро и на 29 мај на празникот Вознесение Христово Спасовден, кога ќе се одржи првиот „Фолк фест Владимирово 2025“, со учеството на пејачите: Драган Мијалковски, Круме Спасовски, Зуица Лазова, Горан Кукиќ, Жаклина Узунова, Благоја Грујовски, Ленче Кукиќ, Наум Петрески, Ванчо Тарабунов, Нино Величковски, Перо Христов и Виданка Георгиевска.
Со здружени сили на селаните и сите на кои им се корените од тој крај, од тоа малешевско село, за кус рок од само 70 дена целосно ја возобновија старата сала на „Задружниот дом“, која отсега го носи името на светски познатиот диригент, Ванчо Чавдарски. Во неговата чест свеченото отворање беше одбележано и со традиционален народен обичај. Гостите беа пречекувани со леб и сол послужено од нежните раце на милите селски девојчиња облечени во народната носија од малешевскиот крај. Потоа се одржа едночасовен концерт на камерниот оркестар „Скопски солисти“, под водство на виртуозот на обоа професор Васил Атанасов, со специјален гостин – баритонот Борис Трајанов, а под диригентската палка на Ангел Спировски, како и со учеството на други познати личности од музичкиот и културниот живот на Македонија. Секако дека впечатокот го оставија и брачно-музичката двојка, Ленче и Горан Кукиќ, за кои не треба ништо посебно да се раскажува, бидејќи тие самите по себе се македонски фолк-бренд! Распеаната Ленче Дедејче, како што нагалено ја ословуваат, истакна дека „бевме сведоци на еден прекрасен настан“.
Професорот Васил Атанасов со емотивен говор се потсети на своето долгогодишно пријателство со Чавдарски, споменувајќи ја и последната средба во Сеул, Кореја. Атанасов говореше и за богатата уметничка оставнина на Чавдарски и неговиот огромен придонес за воздигнувањето на македонската музика. Камелија Левенска, која исто така потекнува од Владимирово, се обрати во името на Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, истакнувајќи ја важноста на зачувување на локалното културно наследство за иднината на Владимирово. Обновување на салата на „Задружен дом“ е резултат на заедничките напори на Културниот центар „Горан Алачки“, Здружението за Владимирски Илинденски средби – „ЗВИС“ и Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“.
Големиот настан заврши во доцните попладневни часови, како што и почна во одлична пријателска атмосфера. Крајот го зашеќерија локалните свирачи со тапани и зурли, кои силно одекнуваа низ беровските сокаци и улици, давајќи им на сите до знаење дека соседното Владимирово почнува заслужено да го живее својот одамна посакуван сон!