Писателот Блаже Миневски е првиот македонски добитник на наградата „Букстар“ (Bookstar) 2025 за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025). Ова признание се доделува за најзначајна книга меѓу двете изданија на фестивалот. Од „Букстар“ посочуваат дека со оваа книга Миневски уште еднаш го потврдува своето врвно раскажувачко мајсторство.
– Во книгата, како во магионичарски перформанс, се преплетуваат традицијата и современоста, хуморот и горчината, реалното и фантастичното, историското и личното. Расказите функционираат како дестилат на вековната усна македонска наративна традиција, претставувајќи богатство од стилови и пристапи – од репортажа и фељтон до фасцинантна и имагинарна фикција. Дел од расказите се веќе објавени како добитници на највисоките можни награди за расказ и имаат стекнато извонредни критички реакции од домашната и од меѓународната јавност – велат од „Букстар“.
Кај Миневски се особено воочливи виртуозното поигрување со нарацијата, оригиналноста во обработката на историските теми, камелеонското менување на стилот и фокализаторот до непрепознатливост, како и способноста да се оживеат различни слоеви од видливото и од невидливото.
– Со книгата „Опаш во устата“, Миневски не само што го потврдува својот раскажувачки глас како водечки во македонската литература туку и ја збогатува современата проза, создавајќи дело што може да се пренесе и надвор од локалниот контекст, отворајќи ја домашната книжевност кон пошироки културни хоризонти – додаваат од „Букстар“.
Инаку, Миневски (1961) е прозаист и драмски автор. Автор е на десет романи. За „Нишан“ ги доби наградите „Стале Попов“, „Роман на годината“ и „13 Ноември“, а за „Свирци“ – наградата „Прозни мајстори“. Миневски ја има добиено и наградата „Најчитан автор“ на Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје. За романот „Ако се родат некакви чувства“, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, ги доби наградите „Стале Попов“ и „Рациново признание“ по вторпат. Има публикувано и неколку книги раскази, меѓу кои „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“ за која го доби престижното „Рациново признание“. Неговите драмски текстови беа на репертоарите на македонските театри… За пиесата „Немушт јазик“ ја доби наградата на МНТ за најдобар драмски текст (2001).
Наградата ќе биде доделена на отворањето на фестивалот на 29 септември (19:30 ч.), во Културно-информативниот центар. Наградената книга ќе ја претстави проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Наградата „Букстар“ се доделува од 2016 година, а се состои од плакета и од статуетка дизајнирана од Игор Делов. Дeл од досегашните добитници се: Светлана Алексиевич, Николо Аманити, Евгениј Водолазкин, Наџат ел Хачми…