Mишо Китаноски, новинар, публицист, поет и автор на телевизиски сценарија, човекот кој веќе 30 години го проучува животниот пат на Блаже Конески, неодамна ја издаде книгата „Детството на Конески“, а сега го пишува новото дело „Тапијата на Блаже Конески“. „Го правам тоа, заврши Китаноски, затоа што, ме боли фактот што за сите балкански просветители, лингвисти и реформатори, како Вук Караџиќ, Људевит Гај, Станко Враз, има напишано по педесетина дела за нивните животи, а за нашиот Конески ниту една…“

 

Со свеченост што се одржа во хотел „Аполонија“, Јавната општинска установа Библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија го одбележа значајниот јубилеј – 80 години од официјализирањето на македонскиот правопис. Вечерта ја отвори директорот на библиотеката, Стефан Марковски, додека модератор на настанот беше професорот Стефчо Стефанов. Тој, пред да им даде збор на гостите,  искажа една прекрасна мисла: „Ако духот на еден народ е јазикот, тогаш правописот е една фотографија на која е ‘фатен’ тој дух.“

Во рамки на свеченоста, свои интересни излагања имаа професорот д-р Димитар Пандев и публицистот Мишо Китаноски, кои понудија историски и лингвистички осврт на значењето на кодификацијата на македонскиот јазик.

Филологот, теоретичарот, писателот Димитар Пандев говореше пред сè за она што рекол светот за кодификацијата на македонскиот јазик, што сме рекле ние, Mакедонците, и пред сè, што рекол Блаже Конески. Тој потсети на генезата на развојот на македонскиот писмен јазик, почнувајќи од првите црковнословенски ракописи од 10 век, преку појавата на Крсте Мисирков и неговите „За македонцките работи“, сè до Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944, датум на кој македонскиот јазик за првпат и официјално станува службен јазик во една држава – македонската држава, и неговото официјализирање, на 5 мај 1945 година, кога со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква.

Пандев го цитираше познатиот славист од Холандија, Реџиналд де Бреј, кој во своето капитално дело „Водич низ словенските јазици“ ќе напише:

„Народот кој пред 10 века им ја дал писменоста на словенските народи, на 5 мај се здоби со своја сопствена азбука“.

Затоа, заврши Пандев, Конески влегува во редот на нашите најмаркантни личности и национални фигури, а неговиот грандиозен научен и поетски опус се инспирација за плејада творци од областа на македонистиката и славистиката, од областа на лингвистиката и литературната наука, творци од сегашната, но и идните генерации.

Возбудливо за слушање, а воедно и вознесливо беше излагањето на Mишо Китаноски, новинар, публицист, поет и автор на телевизиски сценарија, човекот кој веќе 30 години го проучува животниот пат на Блаже Конески.

„Она што ни е дадено со традицијата и со кодификацијата не треба само да го чуваме, туку треба и да го негуваме, да го афирмираме и да го развиваме, за да може македонскиот јазик и понатаму да остане убав и наш – на него да продолжиме да пееме, да тажиме и да се радуваме, да твориме и да живееме“.

Блаже Конески, продолжи Китаноски, како член на Комисијата за составување на македонската азбука, кон крајот на 1944 година јавно изнесе три главни работи, првата, дека македонската азбука ќе биде составена по фонетски принцип, 31 буква, 31 глас, второ, Конески не дозволи во Комисијата да учествуваат двајца руски филолози, велејќи дека ние можеме сами да си создадеме азбука базирана на нашиот народен говор, и трето, да биде подготвен и усвоен правописот на македонскиот јазик.

Оние кои се обидувале на времето да го нападнат Конески, тврдејќи дека наводно Милован Ѓилас, југословенскиот политичар, ни ја создал азбуката, Китаноски ги нарече маргиналци кои се обидуваат да му ги одземат ореолот, научната вредност и неговиот придонес кон создавањето на македонскиот јазик: „Јас, истакна Китаноски, во 1991 година имав едно мега интервју токму со Милован Ѓилас, во кое тој децидно ми го потврди фактот дека Конески, заедно со останатите членови на Комисијата за составување на македонската азбука, самостојно работеле и ја создале, според него, најубавата азбука од сите словенски народи. А тие, кои го негираат Конески, самиот Ѓилас ги нарече медиокритети  кои се обидуваат да му ги одземат ореолот, научната вредност и неговиот придонес кон создавањето на македонскиот јазик и, како што се изрази самиот тој, „имаат за цел да ве турнат во прегратките на вашиот источен сосед“.

Инаку, Китаноски, кој го следи животниот пат на Конески повеќе од три децении, неодамна ја издаде книгата „Детството на Конески“, а сега го пишува новото дело „Тапијата на Блаже Конески“.

„Го правам тоа, заврши Китаноски, затоа што, ме боли фактот што за сите балкански просветители, лингвисти и реформатори, како Вук Караџиќ, Људевит Гај, Станко Враз, има напишано по педесетина дела за нивните животи, а за нашиот Конески ниту една“. Тој додаде: „ Блаже Конески никогаш за Македонците нема да биде минато, туку секогаш ќе биде сегашност и иднина“.

Вечерта посветена на 80-годишнината на македонскиот правопис ја збогатија ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“– Гевгелија кои читаа извадоци од дела на  македонски писатели, додека ученичката Тијана Атанасова го прочита својот есеј „Мојот македонски јазик – мој идентитет, културно наследство и аманет“, кој ја доби првата награда на конкурсот распишан од страна на Министерството за образование и наука, а по повод 80 години од усвојувањето на македонскиот јазик како службен јазик. За музичкиот дел на овој прекрасен настан беше задолжен Влатко Иљачев – Валдера.

Свеченоста во Гевгелија беше третиот и завршен настан посветен на кодификацијата на македонскиот јазик, со што уште еднаш се нагласи значењето на јазичната и културната самобитност на македонскиот народ. (Љ.А.)

Тијана Атанасова: „Мојот македонски јазик – мој идентитет, културно наследство и аманет“

„Аз и ти, растевме заедно – јас со првите зборови, ти со вековите зад себе. Во секоја приказна што ја слушав како дете, во секој стих од песните на моите предци, тивко се ткаеше твојата сила. Македонскиот јазик е коренот на моето постоење, ’строен и изразит, вистински белег за македонската нација’. (Б. Конески) Тој е мојата душа, симбол на мојот културен идентитет, мое богатство кое ме прави комплетна и единствена.

Зборот е Бог, бидејќи на почетокот беше зборот… Така започна сè – со зборот, со јазикот, со мислата која доби облик. Македонскиот збор е мојата татковина. Тоа е јазикот на мојот народ, на моите први зборови, на гатанките со кои растев, на народните обичаи. Тој е коренот од кој сум никната, сенката под која растам и ѕвезда што ќе ме води дур сум жива.

Без буквите, говорот би бил невозможен. Нашата азбука е гласот на спомените, чувствата и соништа. Тоа е крвта, последната мисла на сите кои се бореле, верувале и умирале за Македонија.

Убавината на македонскиот јазик се крие во недопрените тишини меѓу зборовите. Во нив ги слушам зборовите на светите Кирил и Методиј, го чувствувам трудот на Климент, духовната и книжевна традиција на Охридската книжевна школа.

Кога во 1945 година македонскиот јазик бил кодифициран, Блаже Конески изјавил: ’Ние ништо не создаваме. Ние само завршуваме…’ Затоа што литературниот јазик не е дело на еден човек, туку историски процес, континуитет… мост и подадена рака што нѐ поврзува со светите Кирил и Методиј, со Охридската книжевна школа, со народното творештво, со македонските писатели од 19 век, со Крсте Петков Мисирков, со Блаже Конески…

Ако сакаме да го заштитиме нашиот јазик, мора правилно да го користиме и да го почитуваме. Мојот македонски јазик е аманет, жарник, светост што треба да ја чуваме, да ја негуваме и да ја браниме.“

 

 

ИЗДВОЕНИ