–„Геометрија на материјата“ е просторна истражувачка поставка која ги истражува енергијата и материјалноста преку геометриска апстракција, каде што цртежот се претвора во медиум за размислување за односот меѓу видливото и невидливото, структурата и движењето, формата и празнината. Надминувајќи го човечкото тело како точка на референција, проектот ја истражува невидливата архитектура на материјата – нејзините ритми, тензии и трансформации – изразени преку серија цртежи поставени како имерзивна средина, вели уметникот Благојче Наумоски, кој е и декан на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет Скопје

 

„Геометрија на материјата“ е насловот на изложбата на познатиот македонски уметник и декан на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје,  Благојче Наумоски-Бане, која на 14 ноември ќе биде отворена во Македонскиот културен центар („Галери МЦ“) во Њујорк. Како што посочува самиот автор, изложбата е составена од инсталациска поставка на цртежи на хартија и на дрвени плочи со варијабилни димензии. Некои од нив се направени рачно, а некои се дигитални и поставени во простор. Делата се изработени во текот на оваа година, а љубителите на уметноста во Њујорк ќе имаат можност да ја видат во наредните десет дена.

Инаку, ова е втора изложба на Наумоски во Њујорк по претходната во 2013 година.

– „Геометрија на материјата“ е просторна истражувачка поставка која ги истражува енергијата и материјалноста преку геометриска апстракција, каде што цртежот се претвора во медиум за размислување за односот меѓу видливото и невидливото, структурата и движењето, формата и празнината. Надминувајќи го човечкото тело како точка на референција, проектот ја истражува невидливата архитектура на материјата – нејзините ритми, тензии и трансформации – изразени преку серија цртежи поставени како имерзивна средина, вели авторот на изложбата.

Според Наумоски, секој цртеж функционира како вид дијаграм или мапа, преку кој се навестуваат два различни пристапи кон визуализацијата на енергијата и на материјата: западниот принцип, кој нагласува структурен ред, мерење и аналитичка геометрија, и источниот принцип, кој акцентира на текот, континуитетот и динамичната меѓузависност на силите. Инсталацијата ги спојува овие перспективи, создавајќи дијалог помеѓу структурата и движењето, формалноста и спонтаноста.

– Линиите, формите и пресеците служат како визуелни претстави на енергија во движење, откривајќи ја релацијата помеѓу движењето и мирот, полнотата и празнината. Цртежите дејствуваат како фрагменти од континуирано поле, формирајќи наратив кој ја претвора апстрактната геометрија во опипливо искуство на енергетско присуство, додава Наумоски.

Во својата суштина, „Геометрија на материјата“ го повикува гледачот на трансцендентално искуство, поттикнувајќи го да ја доживее енергијата како видлива и невидлива, структурирана и течна, присутна и потенцијална — како медитација врз самиот пулс на универзумот…

Наумоски (1985,  Кичево) дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, педагошки отсег, насока сликарство. Во 2009 станува магистер од област сликарство, а од 2007 е член на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија (ДЛУМ). Од 2009 година е член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 е член на колективот АД АКТА. Моментално е вонреден професор и декан на Факултетот за арт и дизајн. Има излагано во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада)… Исто така има учествувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано дваесет и три самостојни и повеќе групни изложби. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ