Скандалозно: Светските измамници не ја прескокнаа ниту македонската фолк-пејачка! „Мора да се најде начин преку кој на измамниците ќе им се застане на патот. Тие така заработуваат многу пари, а на народот му нудат скапи квазипроизводи кои воопшто не лекуваат, дури се и опасни по здравјето“, вели за ВЕЧЕР нашата омилена пејачка
Популарната македонска фолк-пејачка, Благица Павловска, деновиве е жртва на сајбер измама која нонстоп кружи по социјалните мрежи. Станува збор за рекламата во која по пат на вештачка интелигенција пејачката „зборува“ за својата интима, за константната болка, во медицината стручно попозната како „инконтиненција“.
– Сè е лага и измама, вели за весникот ВЕЧЕР нашата Благица, забележително изнервирана. Ништо не рекламирам, никакви влошки. Се обратив до надлежните органи барајќи заштита и итна забрана на ова гнасно видео. Навистина немам никакви допирни точки со сето тоа, а фала му на Бога, сосема сум здрава. Мора да се најде начин преку кој на измамниците ќе им се застане на патот. Тие така заработуваат многу пари, а на народот му нудат скапи квазипроизводи кои воопшто не лекуваат, дури се и опасни по здравјето. И по овој пат на сите им порачувам дека рекламата е лага, дека јас не сум таа што зборува и дека мојот лик е создаден по пат вештачка интелигенција. Многу сум изнервирана и сега чекам нашите правосудни органи да го решат ова, коментира популарната пејачка.
За да биде ситуацијата уште покомплицирана, покрај рекламата се појавува и целото интервју, кое Благица наводно го дала во самата редакција на медиумот, зборувајќи отворено за својата „болест“. Дека сè е лажно се гледа во одговорите. – Толку се заборавиле во лагата што на последните две прашања им одговара мојата колешка, мојата мила Добрила Чабриќ. Ете и неа, по некоја случајност, ја наместиле, а жената е во мошне пристојни години. Сето тоа е ужасно грозно!
Неодамна, жртви на вакви измами беа и Андријана Јаневска, Цеца Ражнатовиќ, Нина Бадриќ, Тереза Кесовија, Калиопи, Неда Украден, Лепа Брена… кои преку лажни реклами фалат и „продаваат“ одредени производи, за најразлични здравствени проблеми. Но и ако се преземат законски постапки, многу тешко може да им се влезе во трага на криминалците. Станува збор за исклучително добро организирана меѓународна криминална група, за мафијата која наводно се „јавува“ од најоддалечените страни на Земјината топка. (Д. М.)