Блага Петреска, жива легенда на македонската песна: “Само пее и се смее“!!!

26

“Памтам како денес, дека во второто одделение од основното училиште на мајка ми ѝ кажуваа: ‘Ленко, девојчево ќе ти го грабнат од Прилеп, преубаво пее, ќе ја однеста во некој голем град, таму позната пејачка да стане’. Навистина тоа по многу години и се случи“, се присетува Блага, зборувајќи за весникот ВЕЧЕР.

 Блага Петреска е жива легенда на македонската песна. На почетокот на кариерата беше пејачка на забавни мелоди, потоа премина во опера, за да најпосле врвот на славата го достигне како пејачка на фолк музика. Тука во фолкот дојде до целосен израз нејзиниот раскошен вокал. Се покажа како една од петте најдобри во Македонија, а во тоа одбраното друштво остана до денес. Благодарејќи не само поради своите вонсериски интерпретации туку и поради самите песни кои станаа евергрини: “Свени ми, свени невене“, “Ти ме предаде“, “Што да таксам на Господа“, “Мала ќе ми е Шар планина“, “Моја генерацијо“, “Што ми вреди“, како и “Валандовската“ – “Кој ќе запее“.Блага, приватно има две деца, син и ќерка, и мили внуци. Синот Олег Кондратенко е еден од највлијателните македонски музички уметници и работи во земјава, а ќерка ѝ Оља живееше во странство, но, како што откри во едно свое интервју, пред неколку години се вратила во Македонија. Нејзината снаа е почитувана виолинистка и диригентка Ана Кондратенко, концерт-мајстор во Македонската филхармонија.

Уште од најраната возраст Блага била забележана дека од неа може да стане добра пејачка. Пеела на секаде во родниот Прилеп, сите ја сакаа и ја канеа на седенки, забави, родендени, другарувања, а таа со песната им ги правела ќејфовите.

-Памтам како денес, дека во второто одделение од основното училиште на мајка ми ѝ кажуваа: ‘Ленко, девојчево ќе ти го грабнат од Прилеп, преубаво пее, ќе ја однеста во некој голем град, таму позната пејачка да стане’. Навистина тоа по многу години и се случи, се присетува Блага, зборувајќи за весникот ВЕЧЕР.

Во моето семејство бевме пет деца. Вистинска убавина, другарување, почитување и никогаш здодевно, како што им е здодевно на денешните деца кои по цели денови седат на компјутер или мобилен телефон. Ние ги имавме детските игри надвор од куќата, па родителите одвај успеваа да не соберат за спиење, ни раскажа насмеаната Блага.

И ако е веќе во пристојни години, преку главата ѝ поминаа многу проблеми и предизвици. Но остана насмеана, расположена, весела. Такви и се и песните кои ги пее, ретко кога се тоа тажни песни. Целиот свој работен век таа го подари на песната. Но, малкумина знаат дека пред да стане популарна и омилена пејачка, работела и како наставичка.-И тоа е дел од мојот живот кој не се заборава. Само што завршив средно музичко училиште, бев наставник на Педагошка академија. Таму нон стоп пеев. Сите велеа, оваа Блага не зборува. Само пее. И се смее! Навистина беше така. Некако во тоа време тие години лудо се вљубив. Немав среќа со сопругот да останеме заедно. Бев уште многу млада кога тој починал. Но никогаш повторно не се омажив. Останав со две деца, синот и ќерката. Кога останав сама одлучив да не ги повредам моите деца. Сите тројца тогаш се договоривме дека јас по цели денови ќе работам, за на нив ништо да не им фали. Тие само да учат, да завршат факултет, да станат горди луѓе. Така и бидна. Сега се горедееме едни на други, вели Блага.   (Д.М.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ