Две недели интерната комисија на Министерството за здравство ќе ја договара методологијата по која ќе се проверуваат досиејата на пациентите на кои се вршеле кардиолошки и васкуларни интервенции во двете приватни болници во земјава, а по наводите на кардиологот Сашко Кедев дека се правело бизнис со операциите што ги плаќа државата. Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, вели дека во овој случај за разлика од скандалот на Онкологија, треба да се проверува по претставка од пациент кој смета дека му е наплатено, а не требало да му се фактурира, ама мора да се види и колку била масовна појавата, односно ќе треба да се изберат случаи на „слепо“ од оние што чинеле милиони денари за интервенција.
– Мене повеќе ме загрижува дали нешто што требало да биде направено не било, ако е направено нешто што не требало е финансиска штета, ама ако не е направено, а требало, е здравствена и тој аспект е многу важен, дали е пропуштено нешто, најчесто жалбите се за тоа, изјави директорот на Фондот Клековски и додаде дека лично тој би се фокусирал на поскапите интервенции.
– Јас немав комуникација со професорот Кедев. Комуникацијата ја води министерот за здравство. Верувам дека ќе биде многу поедноставно ако има претставки. Конкретни претставки. Повторно повикувам. Секој граѓанин кој мисли дека му е направено и наплатено нешто што не требало да биде направено и наплатено, зборувам за кардиологија и кардиохирургија, да поднесе претставка. Дали тука, дали во Министерство за здравство, бидејќи многу би ја олеснило работата на комисијата ако имаме одредени претставки. Меѓутоа, ние мораме да направиме и слепа проба. Штом се отвори веќе расправата, затоа што слепа проба ќе ни одговори колку е масовна таа појава. Овде не е важно само дали има случаи, туку и колку ги има, вели Клековски.
Во меѓувреме, од МЗ ги повикуваат граѓаните дека доколку имаат сознанија за неправилности во врска со кардиолошки и кардиоваскуларни интервенции да пријават на интернет-страницата на Министерството.
– Пријавувањето е доверливо и по секоја пријава се постапува согласно со законските процедури. Потсетуваме дека веќе е отпочната со работа интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти.
Истовремено, Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и ставање стентови, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции, соопштија од МЗ.
Изјавата на доктор Кедев ја отвори Пандорината кутија со операциите финансирани од државата, а изведувани во приватните болници, и покажа дека државното и приватното здравство не се интегрирани, односно тоа што се прави на приватно не се внесува во Мој термин, па така лекарите ја немаат целата здравствена историја на пациентот врз која треба да донесат одлука.
Во 2024 година биле извршени вкупно 9.404 интервенции од кои 6.876 во јавно здравство и 2.528 во приватно здравство. Во 2024 година биле извршени 418 интервенции помалку од 2023 година. Ова се податоци само за услуги платени од Фондот, без приватно платени услуги.
– И на крај, Фондот, врши редовни контроли во сите поголеми јавни и приватни здравствени установи. Во последната контрола во приватна болница се контролирани 30 случаи во периодот март – мај 2025 година. Во периодот 2022 – 2024 имало девет претставки, сите за приватно наплатени средства.
Предвидени се вкупно 19 милиони евра од државата да се исплатат за интервенции во двете приватни болници, соопштија од Фондот. Вкупниот буџет во 2025 година за петте специјализирани болници: Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, болницата во Охрид, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“, изнесува преку 2.4 милијарди или околу 40 милиони евра, а вклучувајќи ги другите надминува 45 милиони евра. Од тоа околу 26 милиони евра се во јавно здравство, а 19 милиони во приватно здравство. Како што беше кажано, Фондот финансира здравствени услуги во интервентната кардиологија, во популарното балонирање и ставање стентови, исклучиво во јавно здравство, додека кардиохируршките и интервенциите во васкуларната хирургија, покрај во јавното здравство, се финансира и во две приватни здравствени установи. Буџетот е поделен во тромесечја, односно колку е предвидено преку Фондот, толку интервенции ќе се направат, вели Клековски и нагласи дека итните случаи се оперираат веднаш. (П.А.)