Битолските советници не кренаа рака за нова спортска сала, училиште, старечки дом, детска градинка

55

Општина Битола почна со изработка на стратешки урбанистички планови (ГУП и ДУП), кои се во согласност со визијата за развој на Општина Битола и на градоначалникот Тони Коњановски. Во оваа насока е изготвениот Детален урбанистички план за блокот Запад 08.01, со кој се предвидуваше изградба на нов спортски комплекс во Нова Битола и можност за реализација на визиите што ќе ѝ дадат шанса на Битола за напредок и за задржување на приматот на урбан центар во регионот.

Новиот нацрт ДУП не ја доби поддршката од советниците на СДСМ во Советот на Општина Битола, и поинаку е изработен, согласно со сите потребни стандарди, соодветни за изградба на нов реонски центар во Нова Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски, во координација со Јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг, кое е изработувач на планот, изврши увид на локацијата каде што, согласно со плановите на Општината, требаше да се уреди просторот по примерот на големите урбани центри.

– Тоа не е само спортски комплекс и не е само за љубителите на спортот туку е и нов реонски центар, кој предвидува повеќе содржини. Во планирањето особено е важен јавниот интерес, кој го зачувуваме, и предвидени се градежни парцели за мултифункционален спортски комплекс во границите на парцелата, основно училиште, старечки дом, детска градинка, објекти за колективно домување и огромна површина парковско зеленило. Сообраќајниот концепт, кој треба да му даде рамка на овој западен блок, предвидува нови сообраќајници, улицата „Димитар Илиевски-Мурато“ продолжува, а во другата насока – спојување со нова сообраќајница што ја поврзува улицата „Партизанска“ со улицата „Довлеџик“. Се работи за површина од над 15 хектари, кои се сега насадени, односно се ниви – вели Коњановски.

Се планира спортскиот комплекс со капацитет од приближно 5.000 гледачи, сличен на капацитетот на спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, кој е изграден во близина на станбени зони (на помалку од 150 метри од станбени згради), а не на периферијата од градот. Во нашето соседство е „Белградска арена“, која има капацитет од 18.000 гледачи, а се наоѓа во станбена зона во Нов Белград, на растојание помало од 100 метри од станбени згради.

Нацрт деталниот урбанистички план во целост е усогласен со Генералниот урбанистички план на Град Битола. Можностите за развој и флексибилноста што ги нуди ГУП-от се применети во нацрт ДУП. Усогласеноста на ДУП со ГУП детално е елаборирана во нацрт-планот.

Сопственоста на земјиштето беше еден од поважните аспекти во планирањето, особено што со овој план, пред сѐ, треба да се утврди локација за нов спортски комплекс. Врз основа на тоа, спортскиот комплекс се планира на земјиште во доминантна државна сопственост.

Од Општина Битола појаснуваат дека најголем дел од земјиштето е во 100 % државна сопственост, додека мал дел е со мешана сопственост, каде што државата е доминантен сопственик, додека приватниците се со малцински удел (на пр. 4/133).

– Треба да се има предвид дека за успешно да се реализира секој развоен проект од значење за градот, потребна е експропријација. Таков е примерот со ул. „Железничка“, за чие пробивање, пред 20-ина, години беше направена експропријација на недвижен имот во населбата Јени Маало. Придобивките од пробивањето на улицата денес ги уживаме сите граѓани на Битола и оние што транзитираат низ градот, а најмногу жителите на улиците „Прилепска“ и „4 Ноември“. Актуелен е и примерот со експропријација на ул. „8 Септември“, која треба да заврши со современ влез во градот. Експропријацијата не значи обезвреднување на имотот, туку создавање услови за развој. На сопствениците чие земјиште треба да се експроприра, ќе им се надомести за него, согласно со Законот за експропријација – велат од Општина Битола.

Како што предвидува Законот, експропријацијата се врши врз основа на методологијата што ја зема предвид пазарната вредност на конкретното земјиште. Сопствениците на земјиштето, согласно со закон, имаат механизми при утврдувањето на неговата вредност.

– Планското решение е димензионирано за пристап на интервентни возила, особено што сообраќајното решение обезбедува поголема проточност на сообраќајот. Не само за потребите на спортскиот комплекс и на другите јавни дејности во планот туку со ова планско решение се унапредува и пристапот на интервентните возила и брза евакуација на веќе изградените градби. Мирот и спокојот на граѓаните на населбите Ремо и Брусничка не се нарушени, бидејќи спортскиот комплекс се планира со брз пристап преку новопланираната улица „Димитар Илиевски-Мурато“ (планирана и со сегашните ГУП и ДУП), а понатаму, преку сервисните улици и истите сообраќајни пристапи, не ги дели со другите градби за домување што постојат или се планираат во населбата – нагласуваат од Општина Битола.

Понатаму, при изградбата на комплексот, ќе се применат современи градежни материјали и градежни технологии што ќе го унапредат социјалниот аспект на жителите во околината, а тоа ќе биде потврдено со елаборат за заштита на животната средина (и други елаборати), составен дел на проектната документација врз основа на која ќе се обезбеди градежна дозвола.

– Дополнително, со овој план ќе се унапреди квалитетот на населбите, пред сè поради тоа што ќе се уреди земјиштето, а жителите ќе добијат уредени парковски површини, детски игралишта, плоштад, тениски терени, дополнителен број јавни паркинзи, улици, тротоари, велосипедски патеки, детска градинка, училиште, старечки дом, спортски комплекс итн. Не само што не влијае негативно на населбите туку и реализирањето на планот и на спортскиот комплекс ќе влијае позитивно на нивните жители, особено што нивниот имот ќе добие додадена вредност – уверуваат од Општина Битола.

Планското решение му посветува особено внимание на сообраќајот, велат од локалната самоуправа, при што со него се унапредува проточноста на сообраќајот.

Во оваа анализа се наведува дека овој дел од градот има потенцијал за развој на јавен простор што релативно лесно може да прифати богата содржина на функции карактеристични за вакви градски простори. Во анализата е констатирано дека реонскиот центар Запад може да се оформи во самостојна просторна анализа различна од централното градско подрачје, која ќе овозможи појава на нови активности со вметнување нови класи на намени. Ова ќе се овозможи со просторно и функционално редефинирање на планираниот реонски центар со идентификација на локациите на кои ќе може да се интерполираат мултифункционални групирања, односно да се предвидат објекти со намена образование, социјална заштита, трговија, угостителство, зеленило, спорт и рекреација и слично.

 

ИЗДВОЕНИ