Со својот настап во Бјалисток, Полска, на престижниот фестивал „Дирекшн ист“, ансамблот на Народниот театар Битола ја воодушеви присутната публиката која ги награди со бурни аплаузи
Народниот театар Битола со претставата „На отворено море“, според текстот на Славомир Мрожек, а во режија на Благој Мицевски, успешно се претстави на европската театарска сцена. Со својот настап на 4 октомври, во Бјалисток, Полска, на престижниот фестивал „Дирекшн ист“ ја воодушевија публиката која ги награди со аплаузи.
Меѓу бројната публика беше и македонскиот амбасадор во Полска, Јасмин Ќахил.
„Беше брилијантно, апсурдно и актуелно во исто време“, истакнуваат од фестивалот.
Од Битолскиот театар, пак, претходно истакнаа дека се горди што повторно излегуваат на европската сцена.
„Горди сме што ја претставуваме нашата уметност пред меѓународна публика“, посочија од Народен театар Битола.
По изведбата следуваше и разговор меѓу публиката и екипата на претставата.
Во претставата „На отворено море“, која е направена по делото на Славомир Мрожек, играат: Марјан Георгиевски, Никола Пројчевски, Живко Борисовски, Васко Мавровски и Петар Спировски.
Драматург на претставата е Оливера Павловиќ, која во претставата отворено го поставува прашањето за тоа каде е човештвото денес.
„На истото море, кое премина во океан од настани за кои веќе нема коментар, нема критериум според кој ќе бидат верификувани, најмалку политички метод за утврдување на нивниот човечен карактер, односно достоинство дека се резултат на човечка култура и цивилизација. Нашата денешна животна реалност ја премина секоја апсурдност на драмските дејства во пиесите на апсурдите“, се вели во претставата. Текстот на Мрожек датира од 1961 година.
Костимографијата е на Благој Мицевски, сценографијата на Валентин Светозарев, музиката на Александар Димовски, светло Игор Мицевски, видео Владимир Переловски, дизајн на рекламен материјал: Сашо Илковски. Инспициент Димитар Михајловски, суфлер Гордана Михајловска.
Следува гостување на Интернационалниот фестивал „Вербум ест“ во Подградец, Албанија на 11 октомври, со монодрамата „Железно небо“, во режија и изведба на Марјан Георгиевски.