Четириесет и двегодишен битолчанец, од август до септември лани, во повеќе наврати изнудувал пари од свој сограѓанин, најпрво како парична донација за спортски натпревар, а потоа и за исплата на долгови кон трети лица. Од битолското Јавно обвинителство, кое ќе го гони за кривичното дело изнуда, информираат дека тој повторно, од март до средината на септември годинава, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, со сериозна закана го присилувал оштетениот да му исплаќа пари.
– Жртвата првпат ја контактирал во август 2024 година, кога ѝ побарал и добил од неа парична донација за учество на спортски натпревар. Но, по оваа средба, повторно ја контактирал и барал пари од неа за исплата на наводен долг кон трето лице, без притоа да наведе износ. Оштетениот најпрво го игнорирал ваквото барање, појаснувајќи дека не му должи никому, но тогаш осомничениот започнал да му испраќа СМС-пораки, гласовни пораки, пораки преку социјалните мрежи и преку познати лица, со сериозни закани дека ќе го нападне физички или ќе го убие ако не ги добие парите. Осомничениот 42-годишник не престанал со јавувањето и со вознемирувањето на оштетениот, кој се исплашил за себе и за своето семејство и прифатил да му ги даде паричните средства, но ако вети дека ако ги добие еднаш, повеќе нема да бара пари од него. Во тој момент, осомничениот побарал износ од 2.000 евра од оштетениот за наводно да ги однесе своите внуци од брат на одмор – велат од Обвинителството.
Оттаму информираат дека, по пријава од оштетениот, истражители од Истражниот центар на ОЈО Битола, во соработка со СВР Битола, изготвиле план за контролирана испорака на паричните средства. Била договорена средба во деловните простории на правното лице, каде што оштетениот е управител. На средбата, осомничениот ги презел парите, кои биле претходно кримтехнички обработени. Веднаш потоа бил претресен од полициски службеници, биле најдени парите кај него и бил лишен од слобода.
– Станува збор за прва целосна оперативна акција на Истражниот центар на ОЈО Битола, реализирана во соработка со СВР Битола. Истражниот центар официјално започна со работа на 1 август годинава. Јавниот обвинител достави до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола предлог за определување мерка притвор за осомничениот – појаснуваат од битолското Обвинителство.