Со премиерната изведба на претставата „Макбет“ во режија на Сабо Иштван, вечерва (14 ноември) во 20 часот, стартува 11. издание на интернационалниот „Битола Шекспир фестивал“, а Битолскиот театар го слави својот 81. роденден.

Од 14 до 21 ноември, на сцената на театарот ќе оживеат делата на Шекспир преку претставите од Македонија, Полска, САД, Хрватска / Англија и Бугарија.

Покрај „Макбет“, дел од програмата се и претставите „Дванаесеттата ноќ” на  Драмски театар, „Александар Венгерко“, Бјалисток, Полска;  „Крал Лир” – „Lit Moon Theatre”, САД; „Еволуцијата на распадот” – Театарско здружение „Артема театарска лабораторија“, Скопје, Македонија; кореодрама  „Само ти(и)ја / Only You (and I)” – Здружение на граѓани Тим Театрос К, Скопје, Македонија; „Ричард III” – НУ Народен театар Битола, Македонија; „Јас Писблосом / I, Peaseblossom” – „Hani-Tong Theatre”, Хрватска / Англија; „Како што милувате / As You Like It” – Драмски театар „Стојан Бачваров“, Варна, Бугарија.

Од НУ Народен театар – Битола, домаќин и организатор на фестивалот информираа дека 11. издание се совпаѓа со 14 ноември, денот на основањето на првиот македонски театар.

– „Битола Шекспир фестивал“ ќе го отвориме со роденденска премиера на шекспировата претстава „Макбет“ во режија на Сабо Иштван, наш гостин од Унгарија. „Битола Шекспир фестивал“ годинава се реализира под мотото „Стореното не може да се поништи“ позајмено од Шекспировата трагедијата „Макбет“. Ова не е само еден обичен цитат, туку го носи и драматичниот одек и револт на времето во кое живееме. Оваа мисла, изговорена од Лејди Магбет во миг на вина и немир, денес звучи како огледало на современиот човек што ја носи тежината на своите постапки, и на општествата што ја живеат последицата од сопствените избори… велат од Битолскиот театар.

ИЗДВОЕНИ