Со одлука на Советот на Општина Битола, од предвидените 11,5 милиони денари за реализација на програмата за животна средина, 1,5 милиони ќе бидат доделени за изработка на стратегија за развој на зеленило, 3 милиони денари за субвенционирање за инвертер клима – уреди, еден милион денари ќе бидат доделени за субвенционирање за замена на дограмата за домаќинствата, еден милион за субвенционирање за велосипеди, три милиони денари за поставување подземни садови за собирање на комуналниот отпад, а ќе има средства и за други креативни екопроекти
Општина Битола во 2026 година ја утврди програмата за животна средина, за чија реализација ќе вложи 11,5 милиони денари.
Главна цел на програмата е постигнување повисок степен на решавање на состојбите во сферата на животната средина и зачувување на квалитетот на медиумите на животната средина, со што ќе се заштити здравјето и ќе се подобри квалитетот на животот на граѓаните.
Според програмата, во претстојнава година, локалната самоуправа ќе влијае врз заштитата и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, управувањето со отпадот, намалувањето на дивите депонии во градот и околината, заштитата од бучава, подигнувањето на јавната свест и вклучувањето на заедницата, но и врз зголемувањето на бројот на зелените површини и урбаното зеленило во Општината.
Со одлука на Советот на Општина Битола, од предвидените 11,5 милиони денари за реализација на оваа програма, 1,5 милиони ќе бидат доделени за изработка на стратегија за развој на зеленило, 3 милиони денари за субвенционирање за инвертер клима-уреди, еден милион денари ќе бидат доделени за субвенционирање за замена на дограмата за домаќинствата, еден милион за субвенционирање за велосипеди, три милиони денари за поставување подземни садови за собирање на комуналниот отпад, а ќе има средства и за други креативни екопроекти.
– Општина Битола во текот на годината ќе преземе посебни мерки за заштита од бучава со мапирање на локациите и со план на мерење по зони со ноќни и дневни мерења, за што, освен општинскиот тим, ќе биде вклучен и тим на Центарот за јавно здравје – Битола – најавија општинските власти.
Тие додаваат дека за ефикасна реализација на програмата, ќе се вршат засилени инспекциски надзори и ќе се организираат превентивни и промотивни акции како: денови без автомобили, денови на пешачка мобилност, стимулирање превоз без емисии и други мерки.












