Македонија засекогаш ќе го памети токму по неговата маестрално испеана македонска народна песна „Битола, мој роден крај… јас те сакам, за тебе пеам“… во рамките на проектот „Македонско срце чука во 7/8“ со браќата Тавитјан. За оваа песна Драгојевиќ сними и видеоспот кој и ден-денес се врти на нашите телевизии. Тој одржа и неброено многу успешни солистички концерти во скопската „Универзална сала“.
Во малото јадранско место Вела Лука на островот Корчула, со сите почести се одбележани седум години од физичкото заминување на легендарниот пејач Оливер Драгојевиќ од овој свет. Почина од рак, по кусата борба со подмолната болест. Концертот има симболичен наслов „Траг у бескрају“. Тој беше навистина големо музичко име постигнувајќи ја славата најпрво на просторите на поранешната Југославија, потоа и во независната Хрватска, но и со настапите на тогаш најдобриот „Сплитски фестивал“ на тамошните „Прокуративи“.
Нема таков кој не ги памети неговите хитови-евергрини: „Скалинада“, „Цесарица“, „Мој галебе“, „Малинконија“, „Пива клапа испо’ волта“, „Нашој љубави је крај“, „Опрости ми папе“, „Мајко да ли знаш“, „Стари морски вук“, „Молитва за Магдалену“, „Кад Надалина мути јаја“, „Поета“, „Вјеруј у љубав“, „Имала је лијепу рупицу на бради“, „Моје прво пијанство“, „Нека се други радују“… песни во кои на секој можен начин е опишана неговата силна љубов кон морето и неговата родна Корчула.
Ние во Македонија засекогаш ќе го паметиме по неговата маестрално испеана македонска народна песна „Битола, мој роден крај… јас те сакам, за тебе пеам“… во рамките на проектот „Македонско срце чука во 7/8“) со браќата Тавитјан. За оваа песна Драгојевиќ сними и видеоспот кој и ден-денес се врти на нашите телевизии. Во знак на сеќавањето на пејачот кој во скопската „Универзална сала“ одржа и неброено многу концерти, во неговата Вела Лука се собраа преку илјадници обожаватели. Присутни се и бројни уметници, неговите колеги од естрадата, естрадните новинари, како и неговото пошироко и потесно семејство, на чело со неговата сопруга, Весна Драгојевиќ. Се на се, уникатна музичка атмосфера.
Како и минатите години, концертот традиционално започна на траектот „Корчула“, со стиховите на една од песните на Оливер, која сите присутни ја пееја во ист глас. Овој величествен настан е воедно и пригода да се промовира најновиот (постхумен) албум „Долазиш“. За албумот, сопругата Весна со одбрани зборови кажа дека тоа се песните кои останаа во фиоките на нејзиниот Оливер, а сега ја доживуваат својата ексклузивна премиера.
Врвот на настанот ќе се случи со вечерниот концерт во живо на кој, меѓу другите, ќе настапат: Нина Бадриќ, Теди Спалато, Марко Тоља, Мери Цетиниќ, Џибони, клапа Ришпет, Петар Драгоевиќ, Марко Шкугор, Мирослав Тадиќ, Дорис Драговиќ, Јасна Злокиќ, но и нашиот Влатко Стефановски. Музичкиот настан ќе биде пренесуван во живо на Хрватската телевизија од 21.00. Сето тоа кажува дека никогаш прежалениот Оливер Драгојевиќ навистина оставил зад себе силна трага на естрадно-музичката сцена на овие балкански географски простори.
(Д.М.) фото:архива-ФБ