Битола доби Дневен центар за стари лица со активно стареење

1

Во Битола, вчераeвечер беше пуштен во употреба реконструираниот Дневен центар за стари лица со активно стареење – услуга што се реализира преку грант од Светска банка во партнерство меѓу Општина Битола и Општинската организација на Црвениот крст.

– Проектот има за цел да обезбеди поддршка за лицата од третата доба и да спречи нивна потреба од вонсемејна заштита. Преку организирани активности, стручна грижа и социјална поддршка, центарот ќе придонесе за подобрување и одржување на квалитетот на живот на старите лица – соопштија од Општина Битола.

На свеченото отворање присуствуваа генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити, претседателката на битолскиот Црвен крст, Лилјана Ристевска, секретарот, Кристијан Крстевски, градоначалникот  на Општина Битола, Тони Коњановски и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.

Градоначалникот Коњановски истакна дека Црвениот крст е „збир на човечност“ и додаде дека општината и годинава издвојува средства за обуки за лични асистенти, за нега во дом, поддршка за бездомни лица и за проектот „Итно копче“, кој треба да стартува до крајот на годината.

Општина Битола претходно склучи договор за грант со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Црвениот крст, преку кој се овозможи отворањето на овој дневен центар.

 

ИЗДВОЕНИ