Биткоинот во вртоглав пад, златото на историски максимум

512

Трговскиот конфликт меѓу САД и Кина предизвика вртоглав пад на пазарната вредност на биткоинот на крајот на минатата недела, поради што трговците со криптовалутата претрпеа загуби во милијарди долари. Според податоците на „Коин глас“, веднаш по најавата на претседателот на Соединетите американски држави, Доналд Трамп, за стопроцентно зголемување на царините за кинескиот извоз во САД, како и за воведување извозен надзор над „сите критични софтвери“, биткоинот ослабна на 117 илјади долари, а потоа падна на 110 илјади долари, што е намалување од 12% за само 24 часа. Тоа предизвика трговците кои се обложуваа на порастот на цените да претрпат загуба од 7 милијарди долари.

Биткоинот и златото минатата недела достигнаа рекордни вредности. Причини за тоа се геополитичката и економската неизвесност, како и сомневањата што инвеститорите ги имаат кон американскиот долар.

– Додека економската и политичката нестабилност расте, инвеститорите бегаат кон безбедни средства, а побарувачката за злато и биткоин се зголемува – велат светски аналитичари.

Последниве недели беа особено поволни за оние што имаат вложувања во злато. Цената на златото оваа недела ја надмина границата од 4.000 долари по тројна унција (31,1 грам), што е пораст од 50% од почетокот на годинава.

– Очекувањата за намалување на каматните стапки во САД го прават држењето на златото помалку „скапо“ во смисла на изгубена можност за добивки од други инструменти. Слабиот американски долар го зголемува потрошувачкиот интерес за злато во други валути. Во време на геополитички и економски неизвесности – како тензии, застој во владата, инфлација – инвеститорите се обраќаат кон златото како заштитна актива. Централните банки продолжуваат да купуваат злато, како начин на диверзификација на резервите. Акциите на рударски компании од злато растат значително повеќе од физичкото злато поради ефектот на оперативна потпора – објаснуваат аналитичарите зошто цената на златото расте толку брзо.

Цената на среброто, пак, расте многу побрзо од златото достигнувајќи околу 51 долар за унција, првенствено поради зголемената побарувачка на инвеститорите во побезбедни средства. Ова го продолжи порастот на цената на овој скапоцен метал, надминувајќи го претходниот рекорд што беше забележан во 1980 година.

Годинава, цената на среброто порасна за повеќе од 70 проценти, надминувајќи го златото, што е предизвикано од фискалните ризици во Соединетите Американски Држави, потенцијалот за пониски каматни стапки, прашањата за независноста на Федералната резервна банка (ФЕД) и неодржливите нивоа на глобални дефицити и долгови.

– Недостатокот на слободно достапно сребро на лондонскиот пазар дополнително го засили порастот на цените. Со примена  на среброто во индустриски проекти, како што се соларни панели и ветерни турбини, се очекува побарувачката за сребро да ја надмине понудата петта година по ред во 2025 година – пренесува „Еуроњуз“.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ