Дали ќе има зголемување на цената на струјата од наредната година, во голема мера ќе зависи од примената на јаглеродната такса и од пресметките на енергетските компании. Рокот за поднесување на пресметки за трошоците за пренос и дистрибуција на електрична енергија од МЕПСО, Електродистрибуција, „ЕВН хоум“ и МЕМО истече. Сега е на ред Регулаторната комисија за енергетика, која одлуките за новите тарифи треба да ги определи најдоцна до 30 ноември и тие ќе бидат на сила од следната година.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во разговор за весникот ВЕЧЕР вели дека се надева дека јаглеродната такса ќе биде одложена бидејќи земјата не е подготвена, а и земјите од регионот го бараат тоа.
– Јаглеродната такса ќе се воведува кога електричната енергија произведена од необновливи извори ќе се продаде на некој трговец од земја членка на Европската Унија. Таа такса ќе се однесува на тој трговец, но тој за да не ја плати, ќе ја префрли на нашиот производител. Тоа е еден концепт кој, во практиката, ќе биде тешко изводливо да се реализира бидејќи во мрежата има енергија која транзитира и не се знае секогаш од каде е енергијата, односно од што е произведена. Се надеваме дека ќе има одлагање на тој процес бидејќи земјите од регионот го бараат тоа. Тој проблем го имаат и Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово… Таа давачка ќе се однесува само на електрична енергија произведена од необновливи извори термоелектрани и гасни електрани кои продаваат на трговци од ЕУ. Јас сметам дека ако ЕУ бара од нас обединување на пазарите на електрична енергија, воведувањето на оваа мерка е проблематично и е спротивно на ова барање. Со цел нивниот производител да не плаќа, се тераат земјите од регионот да тргуваат сами меѓу себе, а да не продаваат енергија на земји членки на ЕУ. Она што е сигурно е дека тоа, сега засега, нема да се воведе за производите во Македонија, односно како такса која ќе треба да ја плаќаат фабриките. Во моментов сите земји бараат тоа да се укине или барем да се одложи, изјави Бислимоски.
Тој појасни дека кога оваа такса се воведувала во ЕУ, Европската комисија давала сериозна финансиска поддршка. Во повеќето европски земји веќе има воведено јаглеродна такса, но тие имаат земено големи субвенции од ЕУ.
– Кога ќе се воведе кај нас, ние бараме како држава да добиеме одредени субвенции во еден разумен период. Факт е дека во Македонија последниве четири години се изградија околу 1.070 мегавати од обновливи извори на енергија – од фотоволтаици и ветер. Тоа значи прв пат во 2024 година инсталираниот капацитет на електрани од обновливи извори е преку 50 отсто, односно 55 отсто, а произведената електрична енергија од обновливи извори на енергија првпат е 40 отсто. Очекуваме во наредните години да имаме поголемо производство од обновливи извори на енергија за сметка на производството од термоелектрани и гасни електрани, вели Бислимоски.
Првиот човек на Регулаторна вели дека снабдувањето на државата со енергенси е во добра кондиција и не очекува проблеми во текот на зимскиот период. Дел од количините јаглен се увезуваат, а дел се од домашно производство. РЕК „Битола“ работи некогаш работи со два, некогаш со три блока, но производството на електрична енергија во голема мера зависи од квалитетот на јагленот. И кога работи со три блока е исто како да работи со два поради слабиот квалитет на јаглен. РЕК „Битола“ е застарен капацитет и треба поголеми вложувања во нови инвестиции пред сè, во гасни електрани за да ги заменат термоелектраните во Битола.
– Во периоди кога има поголемо производство на струја од фотоволтаици МЕПСО дава налог дел од фотоволтаиците да бидат исклучени. Така што МЕПСО е одговорен за водење на системот. Веќе има инвеститори во батерии и минатата недела ја издадовме првата лиценца за поставување батерии. Во Македонија веќе се поставуваат батерии и тоа е процес кој ќе биде сериозно интензивиран во наредниот период. Тоа ќе биде процес кој ќе трае и очекуваме поставување на сè повеќе батерии. Тој тренд не е карактеристичен само за Македонија, туку и во за Бугарија, Грција… и за другите земји од регионот. Сето тоа ќе помогне во балансирањето на целокупниот електроенергетски систем. Тоа се приватни инвестиции, а компаниите сами ги финансираат. За нови фотоволтаични централи мора минимум 20 отсто од инсталираниот капацитет на фотоволтаикот да бидат батерии, објасни Бислимоски.
Тој вели дека ги добиле барањата од енергетските компании, но не можат да видат колкави се бидејќи не е завршен тендерот за набавка на загуби на електрична енергија. Сè уште не можеме да кажеме колку ќе бидат барањата за зголемување на цената на струјата, која во голема мера ќе зависи и од одлуката за воведување на јаглеродната такса.
– Електродистрибуција и МЕПСО сега треба да распишат тендери за набавка на загуби, „ЕВН хоум“ за набавка на струја. Тие тендери не се распишани. Цената на МЕПСО за пренос на Електродистрибуција за дистрибуција и на МЕМО за оператор на пазар треба да ги определиме до крајот на ноември. Во јули немаше промени на цената на струјата која ЕСМ ја понуди на тендерот на „ЕВН хоум“ и изнесуваше 62 евра за мегаватчас, појасни претседателот на РКЕ.
Во однос на поплаките за сметките за струја, Бислимоски вели дека многу е намален интензитетот и добиваат само од 5 до 10 поплаки на месечно ниво, што е многу малку споредено со првите три месеци кога имале околу 800 поплаки. Потрошувачите знаат дали фактурата им е читана или не и не се жалат. Во таа насока, тој рече дека работат на нови правила за снабдување со електрична енергија кој ќе бидат донесени до крајот на годината.
И оваа година ќе плаќаме најскапа цена на струјата во регионот. Имено нашите компании мораат да купуваат од берзи од регионот и да плаќаат за 20 до 30 отсто поскапа цена на струјата од европските. Поради повисоки цени на струјата имаме поскапо производство и помалку конкурентни производи.
(А. С.)