Од 1 јуни македонските снабдувачи и трговци со електрична енергија ќе имаат можност да снабдуваат нови 1.000 потрошувачи од косовскиот пазар, каде што почнува дополнителната фаза на либерализацијата на пазарот со електрична енергија. Ова беше повод Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад (РКЕ) да иницира состанок, на кој косовскиот регулатор ги презентираше пред македонските снабдувачи и трговци чекорите како полесно да пристапат на пазарот кај нив.
– Откако ги презедовме сите неопходни активности како регулатори и извршивме заемно признавање на лиценците за снабдување и трговија, сега сакаме да ги мотивираме компаниите да ја искористат оваа можност. Поголемиот пазар носи поголема конкуренција, а придобивка се пониските цени за електрична енергија. Сега, за помалку од еден месец, односно од 1 јуни, ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар во Косово и ова е одлична бизнис-можност за наште снабдувачи и трговци – посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Претседателот на косовскиот регулатор – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (ЕРО), Имер Фејзулаху, им посака добредојде на македонските снабдувачи, истакнувајќи дека тие имаат повеќе искуство со оглед на тоа што македонскиот пазар е одамна либерализиран.
– Ова е само меѓу чекор кон приклучување кон единствениот пазар, кој го бара Европската Унија од нас. Во прилог на сите ни е да има намалени административни бариери, а зголемена конкуренција – изјави Имер Фејзулаху од ЕРО – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (Energy Regulatory Oce).
Со цел да се зголеми конкурентноста на пазарите во двете држави, РКЕ и ЕРО во 2023 година потпишаа меморандум за соработка со кој заемно се признаваат лиценците за снабдување и тргување со електрична енергија.