Доделувањето на Американските музички награди се одржа во хотелот „Фонтенбло“ во Лас Вегас, каде Били Ајлиш освои награди во седум категории вклучувајќи ги и главните – за изведувач на годината и омилен женски поп-изведувач. Тејлор Свифт остана без ниту една награда
Били Ајлиш (23) триумфираше на овогодишните 51. Американски музички награди – American Music Awards (АМА), освојувајќи награди во сите седум категории во кои беше номинирана, вклучувајќи ги и главните – за изведувач на годината и омилен женски поп изведувач. Таа победи и во категориите албум на годината и омилен поп албум за „Hit Me Hard and Soft“, песна на годината и омилена поп песна за „Birds of a Feather“ и омилен изведувач на турнеја. Овој неочекувано силен резултат надомести неколку разочарувања што Ајлиш ги доживеа лани со „Hit Me Hard and Soft“ кој дебитираше на второто место на листата „Billboard 200“, со што нејзиниот прв студиски албум не го достигна врвот. Исто така, на доделувањето на Греми наградите во 2025 година, таа остана без ниту една награда и покрај седумте номинации.

Доделувањето на наградите на AMA се одржа во понеделникот, 26 мај, во хотелот „Фонтенбло“ во Лас Вегас, а церемонијата ја водеше Џенифер Лопез. Второто место по број на освоени награди го поделија Лејди Гага и Бруно Марс, кои освоија по три награди. Нивната заедничка песна „Die With a Smile“ им донесе награди за Соработка на годината и Омилен музичко видео, а секоја од нив освои уште една награда, Гага – за Омилен денс/електронски изведувач) и Марс – за Омилен поп изведувач. По две награди добија, пак, Пост Малоун, Сиза, Д Викнд, Бед Бани, Бијонсе, Еминем и „Твенти уан пајлотс“.
Тејлор Свифт остана без награда. Свифт, која го држи рекордот со вкупно 40 освоени награди на АМА, не ја зголеми својата колекција годинава и покрај шесте номинации.
Грејси Абрамс беше прогласена за нов изведувач на годината, победувајќи ја силната конкуренција во која беа Бенсон Бун, Чапел Роан, Шабузи, Теди Свимс и Томи Ричман. Албумот на Бијонсе „Cowboy Carter“ ја освои наградата за омилен кантри албум, а Бијонсе – наградата за омилен кантри-изведувач. Bad Bunny се закити со наградите омилен машки латино изведувач и омилен латино албум. The Weeknd беше награден за Омилен машки R&B изведувач по четврти пат, а по трет пат за Омилен R&B албум. Еминем ја освои наградата за омилен машки хип-хоп изведувач по четврти пат. Беки Џи ја освои наградата за омилен латино женски изведувач по трет пат, по претходните победи во 2020 и 2021 година. Тајла, пак, ја освои наградата за омилен афробит изведувач. Инаку, номинациите за AMA се базираат на клучните интеракции на фановите, вклучувајќи стриминг, продажба на албуми и песни, радиоемитување и заработка од турнеја, кои се следат преку Billboard и Luminate помеѓу 22 март 2024 и 20 март 2025 година.
Џеј Ло, “домаќински“, се бакнуваше на сцената со танчар и танчарка

Џенифер Лопез беше домаќинка на Американските музички награди. Поп-ѕвездата, актерка и модна икона, првпат ги водеше наградите на AMA во 2015 година. За време на настанот таа носеше повеќе облеки, меѓу кои и фустан со длабоко деколте, покриен со крлушки, со висок шлиц. Во ексклузивно интервју за InStyle пред доделувањето на наградите, Лопез најави дека ќе има осум различни облеки во текот на ноќта. „Имам црвен тепих, настап и шест други комбинации“, рече таа.

Но, дел од настапот на Џеј Ло беше оценет како невкусен, бидејќи пејачката се бакнуваше со танчар и танчарка на сцената. Бидејќи настанот се пренесуваше во живо, го следеше и млада публика, пејачката се соочи со многу критики. Таа на настанот имаше 6-минутен настап во кој има комбинирано 23 песни од номинираните музичари, но иако пееше некои од најголемите хитови од изминатата година, на никој не му се допадна моментот кога почна да ги бакнува танчарите на сцена. Додека танцуваше, таа прво бакна еден машки танчар, а потоа сподели и бакнеж со една од танчарките, слично како контроверзниот бакнеж на Мадона и Бритни Спирс на MTV Video Music Awards во 2003 година.
Познатата пејачка последен пат се појави на наградите AMA во 2021, кога ја изведе „On My Way“, нејзиниот сингл од филмот „Marry Me“ во кој глуми и Овен Вилсон. Добитничка е на три AMA награди и двапати ја освои наградата за омилен латино-изведувач.
Фото: EPA-EFE, AMA