
Во понеделник, американскиот претседател Доналд Трамп прво ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека европските претставници ќе присуствуваат на работен ручек и продолжени разговори, објави германскиот весник „Билд“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Покрај германскиот канцелар Фридрих Мерц, на делегацијата ќе ѝ се придружат и францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџија Мелони, финскиот претседател Александар Стабс, британскиот премиер Кир Стармер, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Посетата има за цел потенцијално постигнување мировен договор меѓу Украина и Русија.
Зеленски претходно објави дека ќе се сретне со Трамп во понеделник, по самитот меѓу претседателите на САД и Русија во Алјаска, каде што лидерите разговараа за евентуален крај на конфликтот.
Европските лидери, предводени од Мерц, претходно инсистираа дека мировните преговори можат да започнат само откако ќе се постигне прекин на огнот, но Трамп, според „Билд“, одлучил да го забрза процесот.
Американскиот претседател најави можност за трилатерална средба со Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин до крајот на следната недела, но под услов разговорите со украинскиот лидер во Овалната соба да бидат успешни, објави „Танјуг“.