Јавното претпријатие за државни патишта успешно реализираше проект за санација на потпорниот ѕид и заштита на регионалниот пат Р1202 во близина на Бигорскиот манастир, со што значително се подобри безбедноста и комфорот на сите учесници во сообраќајот. Овој проект има за цел да обезбеди стабилност на патната инфраструктура и да овозможи непречен проток на возила на една од најфреквентните туристички локации во регионот.

Покрај санацијата на потпорниот ѕид, изграден е и нов паркинг простор наменет за патниците намерници и туристите кои го посетуваат ова значајно македонско светилиште. Со тоа се решава долгогодишниот проблем со паркирањето и се подобрува пристапот на посетителите до манастирот.

Градежните активности започнаа минатата година и опфатија расчистување на трасата од грмушки и дрвја, машински ископ и изработка на насип, поставување тампонски слој од дробен камен, поставување нови рабници и метална пешачка ограда за мост, асфалтирање на коловозната површина, како и обележување со патарска рефлектирачка боја за зголемена видливост и безбедност.

Вкупната вредност на проектот изнесува 569.591 евра, што претставува значајна инвестиција во подобрување на патната инфраструктура и туристичката понуда во регионот.

– Со реализацијата на овој проект, се создаваат услови за безбеден и непречен сообраќај, а истовремено се поттикнува развојот на туризмот и зачувувањето на културното наследство на Македонија – велат од ЈПДП.

ИЗДВОЕНИ