Честитка до новоизбраниот митрополит на Дебарско – кичевската епархија г. Георгиј упати денеска братството на Бигорскиот манастир предводено од епископот анатниски Партениј. Во објавата на веб-страницата на ова светилиште се информира дека на денешната редовна седница на целосниот состав на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, за нов митрополит на овдовената Дебарско-кичевска епархија беше избран Високопреподобниот игумен о. Георгиј.
-Почитувајќи ја одлуката на Светиот синод, нашето монашко братство, предводено од Старецот, Епископот Антаниски г. Партениј, му упатува срдечни честитки на новоизбраниот и молитвени благопожелби за богоблагословено архипастирско служење, исполнето со просветление, мудрост и пожртвувана љубов кон Христовото словесно стадо.
Во објавата се дава и кратка биографија на отец Георгиј (Ѓорѓевски).
Отец Георгиј, редовен професор и поранешен декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, е роден во Скопје во 1968 година. Завршил богословски студии во Скопје, а магистрирал и докторирал во Рим, на Понтификалниот универзитет „Грегоријана“. Има широко академско и црковно искуство, вклучувајќи и дипломатска служба како амбасадор на македонската држава во Ватикан. Автор е на неколку книги и научни трудови, а активно учествува во преведувачки и издавачки проекти.
Тој беше замонашен на 27 мај о. г., на 28 мај беше ракоположен за јероѓакон, а на 29 мај – за јеромонах. Неговото наречение за митрополит Дебарско-кичевски се очекува да биде на 12 јули, а хиротонијата на 13 јули.
Наречението на новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули 2025 година, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13 јули 2025 година, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.
На многаја лета!
Приврзаниците на епископот Партениј во изминатив период во Охрид, Скопје и во Кичево организираа мирни собири на кои ја искажаа својата заложба тој да биде избран за нов митрополит. (Б.Ѓ.)