Иако нема голем „скалп“ во кариерата, американскиот боксер Џарел Милер, познат под прекарот Големото Бебе (37), тврди дека би го прегазил светскиот шампион, Украинецот Александр Усик.
Големото Бебе зад себе има пораз од Даниел Дубоа и реми против Енди Руиз и е далеку од самиот врв во тешка категорија. Сепак, не му недостига самодоверба. Убеден е дека со тежина од 150 килограми лесно може да го победи апсолутниот шампион во светот.
– Факт е дека можам да го победам Усик. Ако тренирам во квалитетен камп, убеден сум дека би го победил, би го прегазил – изјави Американецот Милер за „Ринг“.
Тој не застана тука, туку продолжи да се фали.
– Усик има проблем со момците како мене, кои ја спуштаат брадата и се подготвени за борба – вели Милер.
Во својата професионална кариера, Милер има резултат од 26-1-2, а во еден период беше и успешен кик-боксер.
Во таа категорија, тој победи во 22 од 24 борби, а неговите два пораза беа од легендарниот Мирко Филиповиќ-Кро Коп.
Потоа целосно се сврте кон боксот, се здоби со углед, но негов најголем успех се постојаните приказни, кои ги има во изобилство.