Би-Би-Си во нови проблеми: Се истражува уште една монтажа на говорот на Трамп

24
EPA/YURI GRIPAS / POOL

Британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си денеска соопшти дека истражува нови обвинувања во весникот Телеграф дека бил монтиран и друг говор на американскиот претседател Доналд Трамп.

Би-Би-Си се најде во најголемата криза во последните децении. Генералниот директор и извршниот уредник на вестите поднесоа оставки поради критиките за стандардите и обвинувањата за пристрасност, вклучително и начинот на кој беше монтиран говорот на Трамп во документарецот „Панорама“.

Трамп се закани дека ќе ја тужи Би-Би-Си за 1 милијарда долари поради тој филм. „Телеграф“, кој прв ја објави приказната, во четврток објави дека снимките од истиот говор биле селективно монтирани и во емисијата „Би-Би-Си Њузнајт“ во јуни 2022 година, две години пред контроверзното монтирање во „Панорама“.

Весникот наведува дека монтажата во „Newsnight“ била слична на онаа во документарецот. „Би-Би-Си се придржува до највисоките уреднички стандарди“, изјави портпаролот на јавниот радиодифузен сервис како одговор на најновиот извештај на „Telegraph“.

„Свесни сме за ова прашање и моментално го истражуваме“.

Би-Би-Си се извини во понеделник за документарецот „Панорама“ во кој е прикажан говорот на Трамп, кој неприродно ги споил два дела од него, оставајќи впечаток дека американскиот претседател отворено повикува на немирите што се случија во Капитол во јануари 2021 година.

Неговите адвокати рекоа дека Би-Би-Си мора да го повлече својот филм до петок или да се соочи со тужба за „најмалку“ 1 милијарда долари. Тие исто така побараа Би-Би-Си да се извини и да му надомести на Трамп за она што го нарекоа „огромна штета на угледот и финансиска штета“, според писмото што го виде Ројтерс.

Би-Би-Си соопшти дека размислува како да одговори.

ИЗДВОЕНИ