„Без нас, сите вие денес ќе зборувавте германски“, рече вчера американскиот претседател Доналд Трамп пред публиката на Светскиот економски форум во Давос, во Швајцарските Алпи. Како што пишува Би-Би-Си во својата анализа, Трамп можеби заборавил дека германскиот јазик е најзборуван од четирите официјални јазици во Швајцарија.
Според Би-Би-Си, многумина – од Брисел до Берлин до Париз – го доживеале неговиот говор како навредлив, арогантен и неточен. Трамп повторно ја презентираше тезата дека Европа оди по погрешен пат, тема на која често се враќа, но Би-Би-Си истакнува дека таа добива сосема поинаква тежина кога се изговара на европско тло, лице в лице со оние што САД ги нарекуваат пријатели и сојузници.
Во Европа, наведува Би-Би-Си во својата анализа, има големо олеснување од фактот што американскиот претседател во Давос ја исклучил можноста за употреба на воена сила за преземање на Гренланд. Но, дури и ако се држи до тоа, фундаменталниот проблем останува: Трамп сè уште сака територија за која нејзините сопственици порачуваат дека не е на продажба.
Гренланд останува отворена рана
„Она што е многу јасно од овој говор е дека амбицијата на претседателот останува непроменета“, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен пред новинарите во Копенхаген. Тој додаде дека изјавите на Трамп за војската „се позитивни сами по себе“.
Би-Би-Си во анализата наведе дека, илјадници километри од Давос, во Нуук, главниот град на Гренланд, тамошните власти презентираа нова брошура со упатства за жителите што да прават во случај на „криза“ на таа територија.
Министерот за самоодржливост, Петер Борг, рече дека документот е „полиса за осигурување“, истакнувајќи дека гренландската влада не очекувала дека ќе мора да ја користи.
Европските надежи брзо исчезнаа
Би-Би-Си наведува дека секоја надеж во Европа дека Трамп може да ја смири оваа трансатлантска криза исчезна во моментот кога почна да го изнесува својот бескомпромисен аргумент за преземање на островот.
Тој го игнорираше европското инсистирање дека Гренланд е суверена територија поврзана со Европската Унија и го прикажа неговото стекнување како разумна трансакција, наведувајќи ги децениите воена поддршка на САД за Европа.
Трамп тврдеше дека САД направиле грешка што го „вратиле“ Гренланд по Втората светска војна. Гренланд, нè потсетува Би-Би-Си, никогаш не бил дел од Соединетите Американски Држави. Потоа американскиот претседател се врати на своето вообичаено тврдење дека европските членки на НАТО не направиле ништо за САД.
Тој особено ја нападна Данска, потсетувајќи како во 1940 година „паднала под Германија по само шест часа борба и била целосно неспособна да се одбрани себеси или Гренланд“.
Селективна историја и исцрпено трпение
Би-Би-Си предупредува во својата анализа дека лекцијата на Трамп од воената историја го замаглува фактот дека Данска била клучен сојузник на САД во Авганистан и дека платила висока цена. Данска изгубила 44 војници, пропорционално повеќе од кој било друг сојузник освен САД, а нејзините војници загинале и заедно со американските сили во Ирак.
Би-Би-Си, бројни други членки на НАТО, исто така, ги поддржале САД по нападите од 11 септември 2001 година, потсетува Би-Би-Си. Според Би-Би-Си, Трамп најмногу провокации упатил кон францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој се потсмеваше на неговиот изглед со очила за сонце – кои Макрон ги носеше поради проблем со очите – и на неговиот „тежок“ настап на подиумот. Трамп рече дека му се допаѓа Макрон, а потоа веднаш додаде: „Тешко е да се поверува, нели?“
Но, заклучува Би-Би-Си, таа шега повеќе не функционира.
Европа пред избор
Европските лидери поминаа една година обидувајќи се да му ласкаат, импресионираат и да го уверат американскиот претседател, а за возврат добија она што сега го сметаат за најголема закана досега, се наведува во анализата на Би-Би-Си.
Европската унија денеска се состанува во Брисел на итен самит, при што водечките политичари прибегнуваат кон својот најстрог јазик досега како одговор на политиката на САД.
Како што пишува Би-Би-Си, топката сега е на теренот на Европа: дали ќе ја активираат европската „трговска базука“? На почетокот на својот говор, кој траеше еден час и 12 минути, Трамп се пофали дека „луѓето се многу задоволни од мене“ дома.
Но, по оваа нова епизода, заклучува Би-Би-Си во својата анализа, тоа чувство е многу потешко да се најде во Европа за која претседателот тврди дека толку многу ја сака.












