
Оваа година, Ник Кирјос нема да биде дел од тимот на Би-би-си што ќе се занимава со настаните на најпрестижниот грен- слем турнир, Вимблдон. Кирјос, кој сè уште е повреден и затоа нема да учествува како играч на Вимблдон, нема да биде таму ни за медиумите.
Минатата година, Австралиецот беше еден од коментаторите и аналитичари на британската национална телевизија Би-би-си во текот на турнирот. Финалистот на Вимблдон од 2022 година доби разни пофалби по медиумското деби, па се очекуваше дека ќе биде поканет и оваа година, со оглед на тоа што не учествува како играч.
Сепак, Би-би-си одлучи практично да му даде отказ на австралискиот тенисер.
– Голема штета е, но, веројатно, повеќе за нив отколку за мене. Разбирам зошто го избраа Крис Јубенкс, но тој не го победи најголемиот на сите времиња (Ѓоковиќ) неколку пати. Кога ги победува Федерер, Надал, Мареј и Ѓоковиќ и има исклучително знаење, многу е чудно што не е тој некој зад микрофонот, а тој им го пренесува знаењето на навивачите – рече Кирјос во врска со оваа одлука.
Многумина навивачи ја поврзаа оваа одлука на Би-би-си со коментарите на Кирјос за Јаник Синер. Тој беше најголем негов критичар уште од првото соопштение поврзано со неуспехот на антидопинг-тестот.
Кирјос во повеќе наврати јасно и гласно ги критикуваше Синер и највисоките тениски авторитети во врска со расплетот во случајот на Италијанецот, а навивачите веруваат дека ова е нешто што британските медиуми не сакаат да биде тема на нивните преноси од Вимблдон.
– Јасно ми е дека беше отпуштен Ник Кирјос од Би-би-си поради отворениот став кон Јаник Синер. Само едно во морето од точни мислења – гласи еден популарен коментар на „Твитер“.
Друг навивач додаде:
– Причината поради која Кирјос не е коментатор на Би-би-си, иако минатата година доби одлична оцена, е тоа што зборуваше против Синер. Би-би-си е клучен дел од естаблишментот и не сакаа никој да ја поткопа неговата приказна за Синер.
Што се однесува до 30-годишниот Австралиец, тој продолжува да верува во себе и чека уште една можност – и зад микрофонот и на теренот.
– Знам дека сум одличен коментатор. Сè што правам во последните 20 години е да играм, да учам и да дишам за овој спорт. Исто така, мислам дека на тенисот му се потребни коментатори кои кажуваат работи што не ги кажуваат сите други. Сигурен сум дека повторно ќе се вкрстат нашите патишта. Сè што сакам е да придонесам со хумор, знаење и со добра атмосфера – рече Ник.
Вимблдон започнува на 30 јуни, а Шпанецот Карлос Алкараз ја брани титулата.