Раководителката на Пунктот за бездомници на Црвениот крст на град Скопје, Драгана Лазаревска, вели дека имаат посебна телефонска линија: 071 223 972 која е специјализирана за дојава за бездомници, при екстремно високи температури.

-Оваа линија е достапна од јуни до септември. Кога некој совесен граѓанин ќе се јави дека на одредена локација забележал бездомник, нашиот патролен тим веднаш излегува со патролно возило во кое има вода, полесна храна, витамини и брошури и се упатува на локацијата каде бил забележан бездомникот. Сето тоа му се дава на бездомникот, а доколку сака да се искапе, се зема со возилото и се носи во пунктот за бездомници – објаснува Лазаревска.

Изминатава недела, откако почна топлотниот бран, во Пунктот немале дојави за смртни случаи предизвикани од високите температури, но имале околу три повици од бездомни лица кои се пожалиле на тоа дека им е потребна преврска

 

Пунктот за бездомници на Црвениот крст на град Скопје во Момин Поток, последнава недела, кога и започнаа екстремно високите температури, има полни раце работа. Нивниот патролен тим е постојано на терен и на најранливата категорија граѓани – бездомниците на самото место им носат вода, витамини, но и ги советуваат да одат под сенка и да не пијат алкохол.

Раководителката на Пунктот, Драгана Лазаревска, вели дека имаат посебна телефонска линија: 071 223 972 која е специјализирана за дојава за бездомници при екстремно високи температури.

-Оваа линија е достапна од јуни до септември. Кога некој совесен граѓанин ќе се јави дека на одредена локација забележал бездомник, нашиот патролен тим веднаш излегува со патролно возило во кое има вода, полесна храна, витамини и брошури и се упатува на локацијата каде бил забележан бездомникот. Сето тоа му се дава на бездомникот, а доколку сака да се искапе, се зема со возилото и се носи во пунктот за бездомници – објаснува Лазаревска.

Изминатава недела, откако почна топлотниот бран, во Пунктот немале дојави за смртни случаи предизвикани од високите температури, но имале околу три повици од бездомни лица кои се пожалиле на тоа дека им е потребна преврска.

Таа вели дека во услови на топлотен бран, во Пунктот за бездомници услугата за капење освен во среда и во петок е достапна за бездомниците и во понеделник и во вторник. Освен тоа, до 16 часот, додека трае работното време, бездомниците можат да престојуваат во стационарниот дел за да го оладат телото или да си поседат во кујната каде се делат оброците.

Инаку, Лазаревска потсети дека Црвениот крст на град Скопје има Акционен план во кој се содржани сите теренски активности со граѓаните при екстремно високи температури.

-Тој веќе се реализира. На терен се присутни 15 волонтери од Тимот за одговор при катастрофи и пет патролни возила кои патролираат во централното градско подрачје, во периодот од 11 до 16 часот, кога температурите се највисоки. Мобилните екипи дистрибуираат вода, мерат крвен притисок и делат брошури во кои се содржани препораките од Министерството за здравство и Владата, а тоа се: да не се излегува во периодот од 11 до 17 часот, ако за тоа нема потреба, а доколку мора да се оди надвор да се носи капа, памучна летна и светла облека, очила за заштита од сонце и секогаш со себе да се носи вода и да се користи крем со заштитен фактор од 30 па нагоре. Исто така, во тој период не треба да се консумираат алкохолни пијалаци и кофеин и да не се пие премногу ладна вода – појасни Лазаревска.

Инаку, Пунктот за бездомници во Момин Поток постои од 2008 година, што значи 17 години им ги дава потребната помош и поддршка на бездомните лица. Во него има мултидисциплинарен тим составен од доктор, социјален работник и психолог, две домаќинки кои се грижат за хигиената и за послужување на оброците, како и логистичка служба. На бездомниците им се достапни повеќе сервисни услуги меѓу кои: капење, потстрижување, чиста облека, храна, медикаменти, помош за вадење на потребни документи, разговор со семејствата.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ