Безбедоносна зона околу македонското Собрание нема го попречи одржувањето на протести и собири пред македонскиот парламент. Вакво тврдење денеска изнесе лидерот на Левица Димитар Апасиев, чија партије е една од потписиниците на новопредложениот Закон за безбедоносна зона околу Собранието.

 

Во Собранието вчера пристигна предлог-закон за прогласување на просторот за безбедносна зона, поднесен по скратена постапка од седум пратеници. На тој предлог се потпишани Африм Гаши, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Борислав Крмов, Блерим Беџети, Весна Бендевска и Блерим Ќоку. Апасиев реагира на објавените информации во јавноста дека со изгласувањето на овој закон практично ќе се забрани одржувањето на граѓанските собири. Лидерот на Левица тврди спротивно и во објавата на својот профил на Фејсбук наведува дека целта е само во државна сопственост да се поврати парцелата до Собранието која што беше продадена на приватно лице за изградба на катна гаража.

-Ај да не бидеме незрели и наивни… Целта на Законот за безбедносна зона околу Собранието е да му ја национализираме приватната парцела на клиентот на Панче Тошковски (вмровска фирма која у време грујово си го “купила” тревникот позади парламентот кај Дом на АРМ, сакајќи да гради лепенка) – а не да се забрануваат протести! Согласно котите, булеварот пред Собрание си останува слободен за протести. Не наседнувајте на секој спин, новинарска патка и “кромид вест”, мајке ми. Проверете. Прочитајте. – напиша во обајавата Апасиев.

Неодамна, претседателот на македонскиот парламет Африм Гаши најави донесување на вакво законско решение. Тој рече дека со законот земјиштето ќе биде вратено во државна сопственост, а потоа дворот ќе биде уреден. Гаши додаде дека приватниот сопственик треба да биде обештетен во висина на сумата која што ја дал за купувањето на земјиштето. Предлог-законот предвидува поништување на сите дозволи за градба издадени пред стапување на законот во сила, како и раскинување на склучени договори за користење на земјиштето во просторот што ќе биде прогласен за безбедносна зона. Но најконтроверзни се одредбите од членот 8, кои воведуваат сериозни ограничувања на јавниот простор околу зградата на парламентот.

Тие вклучуваат: -Забрана за градежни активности -Забрана за поставување инсталациона и линиска инфраструктура -Забрана за одржување јавни собири, протести и манифестации -Забрана за летање со дронови и други беспилотни летала над Собранието и околината. Во членот 3 се вели: „Безбедносната зона е површината на просторот околу објектот на Собранието со дефинирана граница којашто ги опфаќа земјиштето и воздушниот простор, до која од безбедносни причини и заради безбедносни интереси на државата пристапот и користењето се ограничени со закон“.

Висината на безбедносната зона во вертикала на утврдената територијална граница изнесува 100 метри, што значи дека се забрануваат прелети и дронови во висина од 100 метри над Собраниската зграда. Се предлага границата на безбедносната зона на Собранието, Агенцијата за катастар на недвижности да ја прибележи по службена должност во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, во катастарските парцели опфатени со просторот на безбедносната зона, сопственост на Република Северна Македонија.

Границата на безбедносната зона од ставот не може да се менува при донесување нов урбанистички план и претставува составен дел од секој нов урбанистички план или урбанистичко-планска документација. Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува спроведувањето на важечките урбанистички планови во делот на просторот прогласен како безбедносна зона согласно овој закон, до донесувањето нов урбанистички план. Предлагачите се повикуваат на примери од Австрија, Белгија, Германија и Романија, каде слични зони се законски регулирани заради заштита на националните парламенти. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ