Превенцијата од пожари особено ѝ е важна на Македонија, која летово се соочи со шумски пожари од големи размери, кои се мерат со стотици илјади хектари. Годинава имавме и запалени депонии и фабрики за отпад, гореа и куќи, станови, а како главен причинител беше посочуван човечкиот фактор
Оваа година Македонија беше сардисана од пожари. Освен шумските пожари, кои пеплосаа огромни шумски површини што се мерат со стотици илјади хектари, годинава имавме и запалени депонии и фабрики за отпад, гореа и куќи, станови, а како главен причинител беше посочуван човечкиот фактор. За шумските пожари, надлежните во државава посочуваа дека се дело на пиромани. Колку се катастрофални летните пожари за нашата земја покажува фактот што само во 2024 и во 2025 година изгорела шумска површина од над 126.000 хектари, која е речиси еднаква на вкупната шумска површина оголена од пожарите во претходните седум-осум години.
Справувањето со пожарите во државава беше координирано од Дирекцијата за заштита и спасување, институција што има клучна надлежност во областа на заштитата и спасувањето. Заменик- директорот на ДЗС, Кашмир Салиу, во обраќањето на конференцијата за противпожарна безбедност 2025, која се одржува во Скопје, истакна дека заштитата и спасувањето се комплексна проблематика што бара меѓуресорски интегриран пристап, компетентност и професионалност.
– Брзиот технолошки развој, новите материјали, енергетските системи и модерното планирање носат големи предизвици со кои мораме да се соочиме. Од нас, како институција со клучна надлежност во областа на заштитата и спасувањето, се очекува навремено адаптирање на законската рамка и поцврста контрола на нејзината примена. Безбедноста не е трошок, таа е инвестиција во животот, во иднината, во сигурноста на сите! – истакна Салиу.
Тој смета дека треба да се работи на подобрување на постојните закони и подзаконски акти, на поголемо усогласување со европските и со меѓународните стандарди и на поефикасна контрола на проектната документација и на изведбата.
– Инженерската фела е наш соработник, носител на развојот на квалитетна и безбедна градба. Затоа ДЗС ќе продолжи да гради силна, стратешка соработка со проектантите, надзорот, изведувачите, како и со стручните организации, како и со Здружението на инженери на Македонија, кое ја организира оваа конференција на која се споделуваат искуства, нови технологии, но и се усогласуваат практичните решенија со реалните потреби на терен – потенцира Салиу и смета дека со повисоки стандарди, поголема информираност, зголемена одговорност на сите чинители, ќе го зајакнеме системот на заштита и спасување во државата, а со тоа и безбедноста на граѓаните.
Конференцијата за противпожарна безбедност е организирана од СФПЕ Македонија, подружница на Друштвото на инженери за противпожарна заштита (SFPE) – водечка глобална организација посветена на унапредувањето на науката и практиката на противпожарното инженерство. Татјана Васиљевиќ-Владев, претседател на СФПЕ Македонија, ја нагласи потребата од секојдневно работење на заштитата од пожари.
– Се собраа инженери, претставници на академската заедница и практичари и ќе размениме искуства за заштита од пожарите во регионот и пошироко, со цел, како една обединета заедница, да го унапредиме знаењето, да поттикнеме иновации и да изградиме посигурна иднина преку подобра противпожарна заштита. Во свет што постојано се менува и станува сè покомплексен, знаењето е нашата најмоќна алатка. Тоа е она што ги претвора прописите во отпорност, податоците во одлуки, а предизвиците во решенија. Без разлика дали дизајнираме побезбедни објекти, развиваме паметни системи или одговараме на нови ризици, токму нашата стручност ги штити животите, имотот и животната средина – рече Васиљевиќ-Владев.
Бриџит Месершмит, која е директорка за истражувачка стратегија во Националното здружение за противпожарна заштита (НФПА), токму на проблемите со пожарите, истакна дека работат на подигнување на стандардите за заштита од пожари и дека досега имаат донесено 300 нормативи и стандарди.
– Најголем причинител за пожарите е човекот, затоа целата заедница мора да се грижи да не дојде до тоа. Ние истражуваме, собираме податоци за базите на податоци за противпожарните инциденти за да можеме да предложиме мерки за нашето место за работа и живеење да биде безбедно – нагласи Месершмит.
(С. Бл.)












