Европските безбедносни служби предупредуваат на бран руски саботажи низ Европа. Планови за употреба на експлозивни направи, труење вода, палење трговски центри, рушење брани и напади врз друга инфраструктура сè повеќе покажуваат координирана кампања на Москва за саботажи низ Европа.
Во јули 2024 година, пакети испратени преку „Де-ха-ел“ експлодираа во логистички центри во Обединетото Кралство, Полска и Германија. Секој од овие уреди беше доволно моќен за да собори товарен авион доколку се детонира во лет. Безбедносните служби им влегоа во трагата на група саботери под руска контрола, кај кои се пронајдени уште шест килограми експлозив, количество доволно за напад на летови до САД.
Целта била да се предизвика најголемо нарушување на воздушниот сообраќај од нападот врз Светскиот трговски центар. Ова беше само еден од низата за влакно избегнати инциденти во координирана саботерска кампања, за која безбедносните претставници веруваат дека ја води Москва. Разузнавањето ги спречи плановите за уништување возови, палење трговски центри, уништување брани и труење вода, пишува „Фајненшал тајмс“.
До пред една година, ваквите настани се сметаа за напади со низок интензитет врз „меки“ цели, но сега се третираат како сериозна закана. За земји како Полска, Русија веќе претставува ризик за цивилниот живот споредлив со исламистичкиот тероризам. Разузнавачите низ Европа сè повеќе се прашуваат дали е ова стратешка ескалација. Русија, велат тие, се стреми кон пошироката слика: целите и ризиците сугерираат долгорочен план, а не само реакција на војната во Украина.
Иако многу руски шпиони се протерани од Европа, Кремљ се обидува со обучени професионалци повторно да се инфилтрира на континентот, а истовремено да користи криминални посредници за случајни напади. Шефот на една голема европска служба вели дека нивните агенти сега ги следат Русите кои ги извидуваат патните мостови, претпоставувајќи дека имаат намера да ги дигнат во воздух. Железниците интензивно се мапираат, додека разузнавачките агенции бележат обиди за вметнување обучени „спијачи“.
Саботерската кампања е дифузна и тешко да се протолкува. Некои функционери стравуваат дека премногу драматичните реакции би им послужиле на целите на Русија – ширење страв и парализа. Сепак, некои почнуваат отворено да зборуваат. Пресвртницата во Полска се случи минатиот месец. Поставена бомба на железничката пруга Варшава – Лублин требало да предизвика излетување на воз од шините и масовни жртви. Машиновозачот ја активирал сопирачката за итни случаи во последен момент.
Полските власти веруваат дека со операцијата управувал рускиот посредник Михаил Викторович Миргородски од руската државна безбедносна служба – ФСБ, кој им плаќал на агентите со криптовалути, регрутирајќи ги преку „Телеграм“. Таквиот модел на шпионски операции станал неопходност по масовните протерувања на руски агенти, пишува весникот.












