Во никој случај не се забрануваат протестите, туку само се ограничуваат крајните коти на Собранието, а тоа е почетокот на булеварот „11 Октомври” до Статистика, односно просторот што ќе му припадне на Собранието, со кое ќе може да располага и да прави активности во рамките на него, а не приватни субјекти.
Воспоставувањето безбедоносна зона околу македонското Собрание нема да го попречи правото на граѓаните да одржуваат најразновидни протести и собири пред храмот на демократијата. Ваков е епилогот од конфузијата што се создаде во јавноста откако беше доставен во Парламентот предлогот на законското решение со кое просторот околу него се прогласува за безбедносна зона. Од прексиноќа, повеќе медиуми објавуваат ударни вести според кои новиот закон ќе забрани одржување секакви собири, бидејќи со нив се загрозувала безбедноста на објектот. Најмногу вознемиреност предизвикаа одредбите од членот 8, кои воведуваат сериозни ограничувања на јавниот простор околу зградата на Парламентот. Тие вклучуваат забрани за градежни активности, за поставување инсталациска и линиска инфраструктура, за одржување јавни собири, протести и манифестации и за летање со дронови и други беспилотни летала над Собранието и околината, во висина од 100 метри.
Неодамна, претседателот на македонскиот Парламент, Африм Гаши, најави донесување вакво законско решение. Тој рече дека со законот земјиштето што своевремено било продадено на приватен инвеститор, за изградба на катна гаража, ќе биде вратено во државна сопственост. Потоа, објасни Гаши тогаш, дворот ќе биде уреден. Гаши додаде дека приватниот сопственик треба да биде обесштетен во висина на сумата што ја дал за купување на земјиштето.
Предлогот на законот вчера попладне го поднесоа седуммина пратеници, од сите парламентарни групи: Африм Гаши, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Борислав Крмов, Блерим Беџети, Весна Бендевска и Блерим Ќоку. Координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на „Европски фронт“ денеска, во изјава за медиумите, истакнаа дека целта на предлог на законот е да спречи приватни субјекти да градат приватни објекти блиску до законодавниот дом, а не, како што посочија, за забрана на протестите на граѓаните.
– Целта е да се обележи просторот што треба да го има Собранието во своја сопственост за да може само да ги реализира проектите што се предвидени таму. Тоа е начинот за да може Собранието само да ги реализира проектите што се предвидени таму, односно потенцијална катна гаража за Собранието, без некои дополнителни приватни стопански објекти што би се нашле на самиот објект. Во никој случај не се забрануваат протестите, туку само се ограничуваат крајните коти на Собранието, а тоа е почетокот на булеварот „11 Октомври“ до Статистика, односно просторот што ќе му припадне на Собранието, со кој ќе може да располага и да прави активности во рамките на него, а не приватни субјекти – потенцира Мицевски.
И координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски, потенцира дека со ова ќе се спречи некој приватен субјект да изгради каков било приватен објект на 2,5 метри до Собранието.
– Во 2009 година, тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ продаде на приватна фирма државно земјиште на 2,5 метри од Собранието за да гради катна гаража и се водеа судски постапки. Вие сте сведоци дека со денот на конституирањето на овој законодавен состав започнаа со оградување на просторот за да се гради катната гаража, и апсолутно не може тоа. Во ниту една нормална држава, на 2,5 метри до собрание да имате приватен сопственик на катна гаража што ќе се гради до објекти кои се од витален и национален интерес. Оваа заштитена зона го решава тој проблем, да не може да се гради каков било објект ниту сега ниту понатаму, освен за потребите на македонското Собрание – рече Спасовски.
И Блерим Беџети, пратеник од „Европски фронт“, нагласи дека не е идејата да се ограничуваат протестите. Посочи дека заеднички се договориле заради сосема други цели.
Проблемот со земјиштето што го продала државата пред повеќе од 17 години на приватно лице се активира периодов откако по барање на Собранието од март 2024 година, од МВР го променија ставот и донесоа одлука дека се работи за безбедносен ризик, мислење што е спротивно на она што го дала пред 10 години тогашната министерка на МВР, Гордана Јанкулоска. Се работи за земјиштето до Собранието кон Домот на АРМ, кое е тревник и наместа асфалт и кое е на површина од 1,5 хектари. Практично забараната за градежни активности и протести, собирања и манифестации се однесува на оваа парцела.
Македонската јавност е особено чувствителна кога се во прашање обидите за ограничување на правото на протести и на собири пред државните институции. Во 2019 година, тогашната Влада предводена од премиерот Зоран Заев ги повлече предлог-измените на Законот за јавни собири, по реакциите во јавноста. Владата тогаш ги прифати забелешките на граѓанските организации. Според предлог-измените, беше предвидена забрана за одржување јавни собири пред странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и пред седиштата на органите на државната власт и на просторот околу нив.
Згора, со законските измени се предлагаше и зголемување на минималниот број на граѓани потребни за организирање протест – од 20 на 50. Се забрануваше и носење средства на лицата и на главата што го отежнуваат утврдувањето на идентитетот на демонстрантите. Со предлогот се одредуваше и временскиот период во кој може да се одржува јавен собир, односно од 6:00 до 23:00 часот. (Б. Ѓ.)