Видливо намалени брзини, дополнителни кочења и поради тоа често палење на задните „стоп-светла“, внимателност при доближувањето на пешачкиот премин… се забележуваа денеска пред камерите на системот „Безбеден град“ на скопската сообраќајница „Свети Кирил и Методиј“, во близина на трговскиот центар „Дајмонд“. Утринскиот старт на системот донесе и промени во однесувањето на возачите кои имаа можност да се навикнат на камерите во изминативе два месеца. На некои крстосници, како таа кај големиот супермаркет во населбата Тафталиџе на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ забележавме и сообраќајна несреќа, но која, се чини, треба да ѝ се препише на невнимателноста на возачот, кој поради недржење растојание, ја удрил колата пред себе. Сепак, општиот впечаток е дека новиот систем стартува без поголеми проблеми во во Скопје, Куманово, Тетово и на патните коридори 8 и 10.
Во првата фаза, „Безбеден град“ ќе санкционира четири видови прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување возило со истечена регистрација и непрописно запирање или паркирање и пошто сопственикот на возилото ќе добие известување за сторениот прекршок, со фотографски доказ.
– Системот „Безбеден град“ не е за да ги оштети парично граѓаните, туку системот е за да спаси човечки живот плус – изјави завчера министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Казна стигнува ако се вози со 60 километри на час
Тој откри дека е зголемена толеранцијата за пречекорување на брзината, а ќе се казнуваат несовесните возачи.
–Сега воведовме нов Правилник, кој завчера стапи во сила. Со тоа што сега за брзини до 50 км/ч останува како што беше и претходно, толеранција од 6 км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30 км/ч, со 36 км/ч камерата нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч. Од 50 до 100 км/ч толеранцијата законски согласно со новиот правилник е 9 км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозволено до 50 км/ч, со 51 км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати предупредувачка порака, односно ќе ве казни системот само доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100 км/ч а се управува возило со над 101 км/ч моторно возило камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12 км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозволено, да речеме 100 км/ч, а вие управувате на пример со 113 км/ч – објасни Тошковски додавајќи дека ова е направено и со цел системот да заживее.
Тој посочи дека дел од податоците за сопствениците на возила во постојните евиденции може да бидат неточни и одредени граѓани да добијат известување што не се однесува на нивното возило или на прекршок што тие не го сториле.
– Секој граѓанин кој ќе забележи несогласување во податоците ќе има право да се обрати во која било полициска станица и да пријави дека станува збор за грешка – дека возилото не е негово, дека не управувал тој или дека има друг вид неточност. Согласно со законски утврдена процедура, Министерството за внатрешни работи во рок од 24 часа ќе изврши проверка и корекција на податоците, а граѓанинот ќе добие известување дека нема да биде прекршочно гонет доколку не го сторил прекршокот – истакна министерот.
Граѓани со поделени реакции
Најавите и стартот на новиот систем и вчера, како и во изминатиов период, предизвикаа реакции и дилеми кај граѓаните. Во бројните коментари на социјалните мрежи граѓаните имаат различен однос кон него – од тоа дека е крајно време да се воведе ред во сообраќајот, па до тоа дека главната цел му е да се собираат пари за да се почни државниот буџет.
– Јас го поддржувам овој систем, со него ќе се намали бројот на сообраќајните незгоди. Дали кога одите Грција, Албанија, Косово, Бугарија, Германија, Италија и други држави не ги почитувате сообраќајните закони? Ако таму возите претпазливо. за да не плаќате казни, и тука мораме да ги почитуваме сообраќајните закони. Еден човечки живот е повреден од многу други работи – напиша еден граѓанин на фејсбук-страницата на МВР под објавите на министерот Тошковски.
Дел од граѓаните реагираат зошто на најпрометните булеварските сообраќајници нема функционален „зелен бран“, зошто нема добра сообраќајна сигнализација и постепено намалување на брзината. Другите, пак, стравуваат од искуствата со кои во досегашниот период дел од возачите добиле порака дека направиле прекршок кога им отстапувале место на возилата на итна медицинска помош.
– На семафори, кога има црвено светло, никој нема да се тргне ако поминува итна медицинска помош или полиција. Сите ќе се плашат да не добијат казна и одземање на возачка дозвола. Што ако некој има итен случај и вози кон болница? – прашуваа граѓаните во свои коментари.
Имаше и коментари дека ќе се вози бавно, дека ќе се зголеми загадувањето на воздухот, дека треба да има поголема толеранција за таксистите и за кусото паркирање за да некој сопатник излезе од колата… (Б.Ѓ.)
Толеранцијата зголемена на 15 отсто
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера, изрази задоволство од функционирањето на системот.
– Владата и МВР одлучиле да го зголемат прагот на толеранција на 15 проценти над дозволената брзина. Ова е над европскиот стандард, кој изнесува 10 проценти. Тоа е со цел граѓаните постепено да се навикнат на новиот систем и да не бидат казнувани веднаш. Како што ќе се навикнуваат возачите, така постепено ќе се враќаме во европските рамки (10 отсто) – појасни Мицкоски.












