Проблемите што ги предизвика од тест периодот на проектот „Безбеден град“ го пролонгираа неговиот старт. Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека системот, кој треба автоматски да регистрира и санкционира сообраќајни прекршоци, ќе започне да функционира на 1 февруари 2026 година. Првично беше планиран старт од Нова Година, но тест-периодот покажа низа технички слабости што мора да се коригираат пред казните да „удрат“ по џебот на граѓаните. Системот е дел од стратегијата на МВР за дигитален надзор на сообраќајот и ќе ги бележи прекршоците како брзо возење, минување на црвено светло, непрописно паркирање и возење со истечени документи. На почетокот ќе функционира во Скопје, Тетово, Куманово и на коридорите 8 и 10, со план да се прошири на национално ниво.
Тестирањето започна на 1 декември 2025 година, а само во првиот ден биле регистрирани над 110.000 прекршоци – бројка што ги отвори прашањата дали станува збор за вистинска состојба во сообраќајот или за пропусти во системот. Возачите реагираат дека дел од камерите неправилно читаат регистарски таблички. „Добив казна за локација каде воопшто не сум бил тој ден. Камерата ја помешала мојата табличка со друга,“ вели Никола од Аеродром, дополнувајќи дека ваквите грешки мора да се отстранат пред да започне казнувањето.
Други возачи укажуваат на нефункционално препознавање на ситуациите во кружните текови. „На кружниот ме евидентираа дека не сум запрела, а јас стоев поради гужва. На снимката не се гледа јасно, а сепак ме води како прекршител,“ раскажува Ирена од Карпош. Дел од граѓани пријавуваат дека два пати биле казнети за иста работа. „Две пораки за истото место, во разлика од една минута. Како да знам која е точна?“ прашува Арбен од Чаир, кој стравува дека во реална примена ваквите пропусти ќе значат непотребни трошоци за возачите. Токму ваквите примери, според МВР, се причината за пролонгирањето. Министерот Панче Тошковски неодамна изјави дека ќе има технички корекции и законски измени, кои треба да бидат усвоени во Собранието.
Казните ќе се доставуваат електронски – преку СМС порака и е-пошта, со можност за преземање записник и платен налог. Доколку глобата се плати во рок од осум дена, ќе изнесува 50% од целосната сума. Плаќањето ќе биде целосно дигитално, а МВР веднаш ќе добива потврда за уплата. Системот ќе важи и за странски возила; тие ќе можат да ја напуштат земјата, но нема да им биде дозволен повторен влез доколку не ја платат казната.
Во следната фаза ќе се прошири бројот на прекршоци што се санкционираат, а системот ќе се имплементира на национално ниво. Исклучоци ќе бидат само службените возила на Брза помош и МВР додека се на терен. Иако МВР уверува дека сите грешки ќе бидат отстранети навреме, дел од возачите остануваат скептични. „Подобро е да се решат пропустите сега, отколку да плаќаме за нешто што не сме направиле,“ велат граѓаните, барајќи поголема транспарентност и детална анализа на системските грешки пред официјалниот старт. (П.А.)












